Океанографот Сајмон Боксал од Универзитетот во Саутемптон тврди дека го има решението за една од најголемите и најпознати мистерии на планетата – Бермудскиот триаголник. Но, за разлика од многуте теории кои вклучуваат вонземјани или интердимензионални порти, неговото објаснување е целосно научно и базирано на природни појави.
Според Боксал, причината за необјаснивите исчезнувања на бродови и авиони во овој регион се џиновски, екстремни бранови, кои можат да достигнат висина до 30 метри. Овие т.н. „убиствени бранови“ се особено стрмни, непредвидливи, и може да се појават од неочекувани правци – дури и од страна каде што нема ветер.
„Ако еден голем брод се најде заробен во еден од овие бранови, може да потоне за само две до три минути“, изјави Боксал во документарната серија „Енигмата на Бермудскиот триаголник“ на Channel 5.
Според него, областа околу Бахамите, која е дел од Бермудскиот триаголник, е особено подложна на создавање на вакви бранови, особено кога се случува спојување на повеќе бури во тропскиот регион.
Овие бранови може да удрат под лош агол и да го скршат бродот на два дела, што може да објасни дел од мистериозните остатоци кои се пронајдени низ годините. Иако научниците сè уште не се целосно сигурни како се создаваат, се претпоставува дека се резултат на преклопување на неколку бранови, каде што нивната енергија се фокусира во еден гигантски удар.
„А ако има дополнителни бранови кои доаѓаат од страна на Флорида, тоа може да резултира со смртоносна формација“, додава Боксал.
Според него, поголемите бродови се уште поранливи, бидејќи нивната големина ги прави покомплексни за справување со ваков вид на енергетски удар.
Сепак, има научници кои сметаат дека Бермудскиот триаголник не е ништо поопасен од другите делови на океанот. Според Националната океанографска и атмосферска администрација на САД (NOAA), нема докази дека стапката на исчезнувања е повисока од која било друга област во светот.
Слични податоци доаѓаат и од осигурителната компанија Лојдс од Лондон, кои укажуваат дека Бермудскиот триаголник не претставува повисок ризик од просекот.
Како дополнителен фактор, бројните мали острови во Карипското Море создаваат плитки води, кои може да бидат опасни за навигација.
Бермудскиот триаголник го опфаќа просторот помеѓу Мајами, Бермудите и Порторико, и со децении е поврзан со исчезнувања на бродови и авиони. Оваа област е инспирација за бројни теории, книги и филмови, но и покрај сите шпекулации, многу луѓе секојдневно патуваат низ оваа област без никакви инциденти.