Необичен пораст на смртни случаи од „бактеријата што јаде месо“ во Југоисточните САД

Во 2025 година, на Југоистокот од Соединетите Американски Држави е забележан необичен и загрижувачки пораст на смртни случаи предизвикани од бактерии од родот Vibrio, особено од опасната Vibrio vulnificus позната како „бактеријата што јаде месо“. До сега, девет лица ја загубиле битката со оваа сериозна инфекција, додека уште еден смртен случај се поврзува со друга варијанта на оваа бактерија.

Овие бактерии најчесто се развиваат во топлите морски води, а нивното ширење се потенцира и поради честите урагани што го погодуваат крајбрежјето. Здравствените служби во 11 американски сојузни држави потврдија повеќе од 50 случаи, при што најмногу заболени се регистрирани во Луизијана, Флорида и Северна Каролина.

„Ова не е нормална појава,“ изјави професорот Џандарприт Џутла од Универзитетот на Флорида за NBC News, посочувајќи дека бројот на смртни случаи е повисок од вообичаениот за ова време од годината. Имено, инфекциите од Vibrio vulnificus бележат континуиран раст во последните шест до седум години.

Бактеријата се пренесува преку директен контакт со заразена морска вода или преку конзумирање на сирови или недоволно термички обработени морски плодови, како што се остриги. Инфекцијата може да предизвика некротизирачки фасциитис, тешко и опасно заболување кое ги уништува меките ткива околу раната, поради што Vibrio vulnificus добила и назив „бактерија што јаде месо“.

Симптомите кај заразените лица вклучуваат висока температура, тресење, појава на кожни рани или промени во бојата на кожата, како и пад на крвниот притисок. Инфекциите бараат итна медицинска интервенција и, во најтешки случаи, ампутација на засегнатите екстремитети. Според Центрите за контрола и превенција на болести (CDC), околу 20% од заразените умираат во рок од еден до два дена од појавата на симптомите.

Истражувачите предупредуваат дека сезоната на урагани, која оваа година се очекува да биде поактивна, може дополнително да го влоши ширењето на овие бактерии. Научници го поврзуваат порастот на инфекциите со топлите морски води и слатко-сланите заливи, каде што овие бактерии најлесно се размножуваат.

Граѓаните кои живеат или престојуваат во крајбрежните области се советуваат да избегнуваат контакт со морска вода ако имаат отворени рани и да бидат внимателни при конзумирање морски плодови, особено во текот на летните месеци.

Зачлени се на нашиот е-билтен