По крајот на Втората светска војна, сојузничките сили првпат во историјата ги изведоа пред суд највисоките претставници на една држава за масовни злосторства, воени злосторства и злосторства против човештвото. На 20 ноември 1945 година, во судницата 600 во Нирнберг започна главниот процес против 24 високи функционери на нацистичкиот режим.
Главниот обвинител, Американецот Роберт Х. Џексон, ги читаше имињата еден по еден — меѓу нив Херман Геринг, Рудолф Хес, Јоахим фон Рибентроп. Судот беше преполн, а процесот – прв од ваков вид – траеше 218 дена, со над 230 сведоци, илјадници документи и 16.000 страници записници.
Зошто Нирнберг?
Градот беше симбол на нацистичката моќ: местото на големите партиски конгреси и на донесувањето на расистичките Нирнбершки закони, кои го трасираа патот кон Холокаустот. Токму тука, каде што пропагандата ја славеше „величината“ на Третиот рајх, требаше да се донесе и историската пресуда.
Ниту еден обвинет не се изјасни за виновен
Иако доказите беа обемни — од филмски снимки и сведоштва, до писма и наредби — сите обвинети тврдеа дека се невини.
Јулиус Штрајхер, жесток антисемит, изјави дека само ги следел наредбите на Хитлер.
Валтер Функ, кој како шеф на Рајхсбанката конфискувал еврејски имоти, тврдеше дека „никому не наштетил“.
Херман Геринг самоуверено повторуваше: „Невин сум“, иако бил директно вклучен во создавањето на првите концентрациони логори.
На Хитлер, кој изврши самоубиство пред крајот на војната, не можеше да му се суди.
Пресудите
На 1 октомври 1946 година, процесот резултираше со:
- 12 смртни казни,
- 7 долги затворски казни,
- 3 ослободителни пресуди.
Милиони жртви на нацистичкиот режим – убиени во логорите за истребување, на фронтот, во глад и ропство – добија барем делумна правда.
Како Германците го доживеаја процесот?
Историчарите објаснуваат дека дел од германската јавност го сметала трибуналот за „правда на победниците“. По пресудите, многумина верувале дека вината завршува со казнетите функционери, додека остатокот од општеството се гледал себеси како „заведена маса“.
Тоа е наратив кој подоцна значително го отежна прифаќањето на колективната одговорност за злосторствата.
Почетоците на меѓународното кривично право
Нирнбершките процеси поставија правни стандарди кои подоцна доведоа до создавање на ад хок трибуналите за поранешна Југославија и Руанда, а во 2002 година и до основањето на Меѓународниот кривичен суд (МКС).
Осум децении подоцна
Нирнбершките процеси остануваат симбол на тоа дека злосторствата не смеат да останат неказнети. Но и потсетник дека меѓународната правда и денес е селективна, ограничена и често зависна од политичка волја, а не само од правни принципи.

