Комитетот за безбедност на вакцините при Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека најновите научни анализи повторно потврдуваат дека не постои никаква поврзаност меѓу вакцините и нарушувањата од аутистичниот спектар. Како што јавува Ројтерс, комитетот разгледал два систематски прегледа што ги опфаќаат сите релевантни студии објавени од 2010 до август 2025 година.
Анализите се осврнуваат и на вакцините кои содржат тиомерсал, конзерванс на база на жива кој со години е цел на научно неосновани тврдења дека придонесува за развој на аутизам. Според Комитетот, можноста за причинско-последична врска се разгледува само ако серија висококвалитетни истражувања доследно укажуваат на статистички значајна поврзаност.
Од вкупно 31 научна студија што биле оценувани, 20 не нашле никакви докази за врска меѓу вакцините и аутизмот. Преостанатите 11 студии, кои укажувале на потенцијална врска, биле оценети како методолошки слаби и со висок ризик од пристрасност, што ги прави научно ненадежни.
Соопштението на СЗО доаѓа во момент на зголемен јавен интерес по изјавата на американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот, кој минатиот месец за „Њујорк тајмс“ изјави дека наредил ревизија на ставовите на Центрите за контрола и превенција на болести (CDC) во врска со вакцините и аутизмот.
СЗО останува на јасниот став: научните докази континуирано и убедливо покажуваат дека вакцините не предизвикуваат аутизам.