Ново истражување открива разлики во мозочната активност кај оптимисти и песимисти

Кога размислуваме за иднината – без разлика дали станува збор за здравствена контрола, важен испит или нова животна фаза – некои луѓе очекуваат позитивен исход, додека други се подготвуваат за најлошото. Но, според едно неодамнешно истражување, овие разлики не се само прашање на став, туку се одразуваат и на начинот на кој мозокот функционира.

Истражувањето покажало дека кај оптимистите мозочната активност при замислување на идни настани е многу усогласена и структурирана, особено во подрачјата на мозокот одговорни за емоционална обработка и планирање. Наспроти тоа, кај песимистите биле забележани послободни и понеусогласени мозочни обрасци, што упатува на индивидуален пристап кон обработка на емоционални информации.

Освен што нивниот мозок реагира поусогласено, оптимистите покажале и поголема способност да разликуваат помеѓу позитивни и негативни сценарија, што според истражувачите може да ја објасни нивната подобра психолошка отпорност на стрес. Се претпоставува дека овие лица негативните настани ги обработуваат на поапстрактен начин, што придонесува да не бидат премногу обременети со страв или грижа.

Спротивно на мислењето дека оптимизмот значи игнорирање на реалноста, дел од експертите сметаат дека тој претставува адаптивна стратегија која помага во соочување со предизвиците. Сепак, предупредуваат дека позитивниот став не треба да биде замена за реална подготовка.

Некои научници дури отвораат прашање дали е возможно да се користат напредни технологии за мерење и поттикнување на оптимизмот кај луѓето. Иако идејата за „пилула за оптимизам“ може да звучи примамливо, таа истовремено отвора етички и филозофски дилеми – дали постои „нормален“ начин на размислување и дали секој мора да биде оптимист?

И покрај овие дилеми, истражувањата како ова го зголемуваат нашето разбирање за човечката психа и ни помагаат да увидиме колку е различен начинот на кој луѓето се справуваат со иднината. Оптимизмот можеби не е универзално решение, но е важен дел од сложената мозаика на менталното здравје.

Зачлени се на нашиот е-билтен