Туристите во Рим кои сакаат да ја посетат фонтаната ди Треви ќе мора да плаќаат надомест од две евра, најави денеска градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери.
Тој изјави дека новиот систем за наплата ќе започне да важи од 1 февруари следната година и дека се очекува мерката да донесе околу 6,5 милиони евра годишен приход, пренесува агенцијата Ројтерс (Reuters).
„Два евра не се многу и тоа ќе придонесе за помалку хаотичен прилив на туристи“, изјави Гвалтиери, додавајќи дека жителите на Рим и понатаму ќе имаат бесплатен пристап до фонтаната.
Наплатата ќе важи за туристите кои сакаат да се искачат на скалите што го опкружуваат базенот на фонтаната, додека малиот плоштад околу неа ќе остане отворен за сите посетители.
Фонтаната ди Треви годинава ја посетиле околу девет милиони луѓе, а дел од туристите изјавиле дека би ја платиле најавената такса доколку средствата се користат за корисни цели.
Гвалтиери најави и дека од февруари ќе започне наплата за пристап и до уште пет туристички атракции во градот, иако засега не е прецизирано за кои локации станува збор.
Слична практика во Рим е воведена во 2023 година, кога влезот во Пантеонот почна да се наплатува пет евра.