OpenAI го лансира најнапредниот AI-модел досега

Американската технолошка компанија OpenAI го претстави новиот модел GPT-5.2, кој го опишува како свој најмоќен и најспособен систем на вештачка интелигенција досега. Моделот е наменет за секојдневна професионална употреба и веднаш е достапен преку ChatGPT, како и преку API-то за програмери.

Според OpenAI, GPT-5.2 носи значителни подобрувања во повеќе клучни области, вклучувајќи пишување и анализа на код, работа со табели и презентации, толкување на слики, како и управување со долги и комплексни задачи.

Лансирањето на GPT-5.2 доаѓа само неколку недели по објавувањето на GPT-5.1, во период кога OpenAI се соочува со зголемена конкуренција од компании како Anthropic и Google. Нивните најнови AI-модели, според раководството на OpenAI, довеле до пренасочување на внатрешните ресурси кон унапредување на ChatGPT, што било означено како приоритет од највисоко ниво.

Извршната директорка за апликации во OpenAI, Фиџи Симо, изјави дека ваквиот пристап имал за цел јасно дефинирање на приоритетите во развојот. „Тоа беше начин да се разграничи што е клучно во моментов, а што може да почека“, посочи таа, додавајќи дека времето на објавувањето на моделот не било директно условено од таа одлука.

Извршниот директор Сем Алтман, пак, оцени дека влијанието на моделот Gemini 3 на Google врз корисничките метрики било помало од очекуваното и најави дека периодот на засилен внатрешен фокус ќе заврши до јануари.

OpenAI најави дека GPT-5.2 ќе биде достапен во три варијанти: Instant, наменет за брзи одговори и едноставни задачи, Thinking, оптимизиран за сложени и структурирани активности како кодирање и планирање, Pro, дизајниран за сценарија што бараат највисоко ниво на точност и сигурност.

Според компанијата, моделот остварил водечки резултати на повеќе релевантни тестови, меѓу кои SWE-Bench Pro, кој мери автономно кодирање, и GPQA Diamond, фокусиран на напредно научно расудување. Во интерната евалуација GDPval, GPT-5.2 бил еднаков или подобар од водечки индустриски експерти во над 70 проценти од јасно дефинираните задачи.

Симо нагласи дека иако темпото на објавување на нови верзии може да изгледа забрзано, развојот на GPT-5.2 траел со месеци и претставува резултат на долготрајна интеграција.

Иако моделот Opus 4.5 на Anthropic покажал подобри резултати на тестот SWE-Bench Verified, од OpenAI оценуваат дека тој тест е потесно насочен и помалку репрезентативен за реална примена во споредба со SWE-Bench Pro.

OpenAI, која пред десет години беше основана како истражувачка лабораторија, по лансирањето на ChatGPT во 2022 година се издигна меѓу водечките компании во областа на вештачката интелигенција. Компанијата наведува дека нејзиниот chatbot денес го користат повеќе од 800 милиони луѓе неделно.

Зачлени се на нашиот е-билтен