Американската компанија OpenAI, лидер во развојот на генеративна вештачка интелигенција од лансирањето на ChatGPT кон крајот на 2022 година, го претстави својот најнов модел GPT-5, кој го опиша како „најинтелигентен“, „најбрз“ и „најкорисен“ досега.
На конференција за медиуми, извршниот директор Сем Алтман го спореди GPT-5 со разговор со експерт на докторски ниво за која било тема, додека претходниот модел GPT-3 бил повеќе како ученик кој понекогаш одговара точно, а понекогаш греши.
GPT-5 може да создава софтвер веднаш на барањe, еден од инженерите побарал да развие онлајн апликација за учење француски јазик преку игри, а моделот за неколку минути генерирал стотици линии код за основниот веб-сајт.
OpenAI истакнува дека новиот модел е помалку склон кон „халуцинации“ и признава кога не знае одговор, со што се зголемува неговата доверливост.
Новиот асистент ќе биде и персонализиран, овозможувајќи корисниците да избираат тон на комуникација, концизен, пријателски или саркастичен. Исто така, ќе се интегрира со Gmail за полесна употреба.
Безбедноста е приоритет, па GPT-5 има подобрени механизми за спречување злоупотреби. Ако постои сомневање за криминална намера, моделот ќе одговара со општи информации кои не можат да предизвикаат штета.
OpenAI беше основан во 2015 година како непрофитна организација со цел развој на општа вештачка интелигенција (AGI) за доброто на човештвото. Иако GPT-5 е многу напреден, тој сè уште не учи континуирано од светот околу себе, што останува цел за идните развои.
„Ќе треба уште многу вложувања за да се постигне тоа, но ние ќе продолжиме по тој пат“, заклучи Сем Алтман.