Откриено радиоактивно гнездо од оси на локација каде порано се произведувале нуклеарни бомби

Работници на локацијата во Јужна Каролина, каде Соединетите Американски Држави некогаш произведувале клучни делови за нуклеарни бомби, пронашле радиоактивно гнездо од оси. Сепак, официјални лица тврдат дека нема опасност по луѓето.

На 3 јули, вработени кои рутински ја мерат радијацијата во постројката Savannah River Site, близу градот Ајкен, пронашле гнездо од оси на столб покрај резервоарите за течен нуклеарен отпад. Радијацијата од гнездото била десет пати поголема од дозволената според федералните регулативи.

Гнездото било попрскано со инсектицид, отстрането и депонирано како радиоактивен отпад. Во моментот на наоѓањето немало оси во гнездото.

Нема докази за истекување од резервоарите, а гнездото веројатно станало радиоактивно поради „наследна контаминација“ — остаток од радијација од времето кога постројката била во полн погон.

Сепак, организацијата за надзор Savannah River Site Watch смета дека извештајот е непотполен, бидејќи не се открива изворот на контаминацијата, како осите дошле во контакт со радијацијата, ниту дали постојат други радиоактивни гнезда.

Познавањето на типот на оси е важно, бидејќи некои видови градат гнезда од земја, додека други користат различни материјали, што може да укаже на изворот на контаминација, посочува Том Клементи, извршен директор на организацијата.

Компанијата што ја управува локацијата тврди дека резервоарите се длабоко сместени внатре во комплексот, а осите обично не летаат подалеку од неколку стотици метри од гнездото, па нема ризик за луѓето надвор од постројката.

Зачлени се на нашиот е-билтен