Утрото, на 25 август 1944 година, по повеќе од четири години мрак под нацистичка окупација, Париз повторно се рабудил. но овој пат со звукот на слобода. Градот што некогаш шепотел по улиците од страв, тој ден бликал од радост, пеел и се прегрнувал сам со себе, како човек што се вратил од раб на бездната.
По улиците каде што некогаш чекорела германската воена чизма, на овој ден во историјата 1944 година марширале француските и американските војници. Француската 2. оклопна дивизија, предводена од генералот Жак-Филип Леклер, заедно со американската 4. пешадиска дивизија, влегле во срцето на Париз. Германскиот генерал Дитрих фон Холтиц, кој претходно поставил експлозиви под мостовите, кулите и музеите, решил да не го следи лудилото на Хитлер и одбил да го запали градот.
И со тој потег ја спасил душата на Париз.
Париз паднал под германска контрола на 14 јуни 1940 година. Германската војска влегла тивко, без отпор, но зад себе оставила тешка тишина и чувство на предавство. Француската влада се преселила во Виши, каде се воспоставила марионетска држава, додека Париз останал под челичната рака на нацистите.
Во меѓувреме, генерал Шарл де Гол од Лондон го формирал Слободното француско движење, а низ окупираната Франција почнал да се разгорува Отпорот — скриени борци, типувачи, печатари, курири, сите одлучни да не го остават Париз да заборави кој е.
Во август 1944, додека сојузниците се пробивале низ Нормандија, Париз го чувствува налетот на надеж. Работниците стапуваат во штрајк, партизанските групи излегуваат од сенките. По улиците на Монмартр и Латинскиот кварт се поставуваат барикади. Народот — веќе покажувал дека не се плашел.
Во тоа време, командантот на сојузничките сили, Двајт Ајзенхауер, размислувал да го одложи ослободувањето на Париз. Воениот план бара фокус на Германија — а не на симболиката на еден град. Но де Гол бил решителен: ако сојузниците не тргнат, Французите ќе влезат сами.
На 22 август, Ајзенхауер попушта. Патот кон Париз бил отворен.
На 24 август, по напорен марш, Леклер и неговите луѓе влегуваат во предградијата на Париз. Цивили ги пречекуваат со солзи, цвеќе и вино. Во доцните ноќни часови, оклопни возила стигнуваат до Хотел де Вил — срцето на градската управа.
Утредента, Париз конечно здивнал. Германскиот отпор се распаднал. Повеќето од 20.000 војници се предале или се здале во бегство. По пладне, генерал фон Холтиц потпишал капитулација. Градот конечно бил ослободен.
На 26 август, Шанз Елизе блеска од слава. Шарл де Гол, висок и строг, маршира низ толпата. Народот го поздравува, иако уште не знае дали тој ќе биде нивниот спасител или нов диктатор. На покривите сè уште се слушаат залутани истрели — не знае никој од каде доаѓаат, но никој не бега.
Париз дише. По четири години страв, повторно се слуша звукот на живот.
Бранот на слобода од Париз се проширил насекаде низ Франција. Де Гол ја предводел преодната влада, а подоцна, како претседател на Петтата република, ќе стане симбол на обновената Француска гордост.
Но, можеби најголемата победа не е политичка. Нацистите не го запалија Лувр. Ниту Ајфеловата кула. Ниту мостовите. Париз, со својата историја, својата уметност, своите улици полни со љубов и болка — преживеа.
И така, на 25 август 1944, Париз не само што беше ослободен. Тој повторно стана тоа што отсекогаш бил: Градот на светлината.