Пеколното лето удира по здравјето и џебот: Како да се заштитиме?

Сè пожестоките и почести топлотни бранови претставуваат сериозна закана не само за здравјето, туку и за економијата, особено во земјите со голем број работници на отворено и ограничен пристап до ладење. Според извештај на Deutsche Welle, државите и градовите веќе започнуваат да преземаат чекори за ублажување на последиците од жештината.

Во Индија, каде над половина од работната сила работи на отворено, а само 10% од населението има клима-уреди дома, топлината претставува егзистенцијална закана. Во екстремни случаи, температурите надминуваат и 50°C, што резултира со губење на стотици милијарди работни часови и милиони потенцијални работни места до 2030 година.

Особено погодени се сектори како градежништвото и земјоделството, но ризикот не е ограничен само на работата на терен. Животот во слабо проветрени и густо населени области ја влошува изложеноста на топлина и го отежнува закрепнувањето по жешките денови.

Според „Climate Transparency“, жештината во 2021 година предизвикала економски загуби од 159 милијарди долари во клучни сектори во Индија што претставува 5,4% од националниот БДП. Слични последици се прогнозираат и за Тајланд, Камбоџа и Пакистан.

Во САД, годишните економски загуби од екстремни температури веќе достигнуваат 100 милијарди долари, а до 2050 година се предвидува тој износ да порасне на 500 милијарди. Во Европа, жештината веќе го намали БДП за 0,3 до 0,5%, со очекување овие загуби да се зголемат четирикратно до 2060 година.

Последиците по здравјето се подеднакво сериозни. Истражувања од Универзитетот во Беркли покажуваат дека во Индија еден ден екстремна топлина може да предизвика 3.400 смртни случаи повеќе од просекот, а петдневен бран и до 30.000. Во Европа, летото 2022 година било фатално за над 60.000 луѓе, најмногу постари.

Лекари предупредуваат дека ефектите од жештината се често одложени – како што се срцеви удари, мозочни удари, влошени респираторни проблеми и дури зголемена агресивност. Во Велика Британија, и болничките системи страдаат од топлината поради недостаток на клима-уреди и прегревање на опремата.

Градовите, поради бетонската инфраструктура, создаваат таканаречени „топлотни острови“, каде температурите се и до 4°C повисоки од руралната околина. Зголемената употреба на клима-уреди дополнително ја влошува состојбата, зголемувајќи ја ноќната температура и емисиите на стакленички гасови.

Архитекти и урбанисти препорачуваат природни и традиционални решенија:

  • Зелени површини како во Севиља
  • Бели улици кои рефлектираат топлина, како во Лос Анџелес
  • Зелени кровови, како во кинескиот град Шјамен
  • Традиционални градби со природна вентилација, како кај Пебло-индијанците или во Буркина Фасо

Истовремено, експертите препорачуваат лични мерки како проверка на лекови кои влијаат на подносливоста на топлина, проветрување во текот на ноќта и помош за ранливи групи, особено постари лица.

Сè поекстремните температури бараат системски пристап и брзи адаптации во урбанизмот, здравството и трудовите регулативи. Без соодветна акција, предупредуваат експертите, пеколното лето може сериозно да ја наруши економската стабилност и колективното здравје во светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен