Пикасо бил меѓу осомничените за кражбата на „Мона Лиза“ од Лувр во 1911 година

Славниот шпански сликар Пабло Пикасо бил меѓу осомничените за кражбата на прочуената „Мона Лиза“ од парискиот музеј Лувр во 1911 година, пренесуваат денес шпанските медиуми.

Кога ремек-делото на Леонардо да Винчи исчезнало од музејот, настанот бил наречен „кражба на векот“. Лувр бил затворен цела недела за детална истрага, а меѓу осомничените се нашле Пикасо и поетот Гијом Аполинер. Причината за сомнежот лежела во фактот дека асистентот на Аполинер, Гери Пјере, уште во 1907 година украл две антички бисти од музејот – едната му ја продал на Пикасо, а другата му ја подарил.

Оваа кражба не била откриена сè до 1911 година, кога Пјере сам се пофалил пред новинарите со своето дело, токму во моментот кога „Мона Лиза“ мистериозно исчезнала. Тоа довело до апсење на поетот и сослушување на Пикасо, кој пред властите негирал дека ги познава ниту Аполинер ниту неговиот асистент, тврдејќи дека не знаел од каде потекнуваат бистите.

По неколку дена, Аполинер бил ослободен од затвор, а подоцна било откриено дека вистинскиот крадец е вработениот во музејот – Винченцо Перуџа. Тој ја извадил сликата од рамката и ја изнел под својот капут, со намера да ја врати во Италија, убеден дека делото неправедно било во Франција.

Перуџа бил уапсен во 1913 година, кога се обидел да ја продаде „Мона Лиза“ на директорот на галеријата „Уфици“ во Фиренца. Сликата била вратена во Лувр, каде што и денес претставува едно од највредните и најпознатите уметнички дела во светот.

Зачлени се на нашиот е-билтен