Причината за смртта, според истиот извор, е срцев удар. Само пред неколку недели, неговата сопруга Скај ги демантираше гласините дека Хоган бил во кома, нагласувајќи дека неговото срце е силно и дека закрепнува по неколку операции.
Познато е дека Хоган изминатиот месец се борел со последици од операција на вратот што ја имал во мај.
Халк Хоган направи револуција во светот на кечот, претворајќи го од нишова форма на боречка уметност во семејна забава. Со својата препознатлива театарска енергија на рингот, привлече милиони фанови – од деца до возрасни – и стана синоним за популарноста на кечот во 1980-тите и 1990-тите.

Во 1996 година, направи драматичен пресврт во својата кариера, трансформирајќи се од „херој“ во „зликовец“ и станувајќи дел од групата New World Order (NWO) како „Холивуд Халк Хоган“, што донесе уште поголема слава и на него и на кечот.
Во WWE Куќата на славните беше примен во 2005 година, но во 2015 беше отстранет поради скандал со расистички коментари, снимен тајно за време на интимен однос. Хоган го тужеше медиумот Gawker, кој го објави снимката, и ја доби тужбата. Повторно беше примен во WWE Hall of Fame во 2020 година, овој пат како член на NWO.
Во 2024 година, Хоган беше една од главните ѕвезди на Републиканската национална конвенција во Милвоки, каде одржа спектакуларен настап што ги воодушеви присутните.
Покрај рвачката кариера, Хоган имаше и значителен успех во филмската индустрија. Дебитираше во 1982 година со улогата на Тандерлипс во Rocky III, а потоа глумеше и во филмовите No Holds Barred, Suburban Commando и Mr. Nanny. Стана и ТВ ѕвезда со реалното шоу на VH1 – Hogan Knows Best, каде го следевме неговиот семеен живот.
Поради повредите од рвачката кариера, Хоган претрпе бројни операции. Еднаш изјави дека по сите интервенции – „нема ниеден оригинален дел од телото“.
Со неговата смрт, светот на спортот и забавата изгуби една од највлијателните фигури на 20 и 21 век.