Поврзаноста на човекот со природата опаднала за 60% во последните 200 години, предупредува студија

Истражување открива дека поврзаноста на луѓето со природата од 1800 година наваму е намалена за повеќе од 60%.

Професорот Мајлс Ричардсон од Универзитетот во Дерби, кој ја предводеше студијата, вели дека ако не се воведат значајни политики и општествени промени, овој тренд ќе продолжи, со што ризикуваме „изумирање на искуството“ од природниот свет.

Истражувањето ја следи врската меѓу урбанизацијата, исчезнувањето на дивиот свет од нашите населби и фактот дека родителите сè помалку го пренесуваат своето чувство за природа на децата. Моделите предвидуваат дека идните генерации ќе го изгубат сознанието за природата, бидејќи таа сè повеќе ја нема во урбаните средини.

„Поврзаноста со природата е клучен фактор за решавање на еколошката криза, но таа е и важна за менталното здравје на луѓето. Природата и човекот се поврзани и треба да работиме на трансформација на општеството за да ја обновиме оваа врска,“ истакнува Ричардсон.

Според студијата, зголемувањето на зелени површини во градовите за 30% е позитивен чекор, но тоа не е доволно, градовите би требало да станат и до десет пати позелени за да се врати губењето на поврзаноста со природата.

Најделотворните мерки се поврзани со воспитувањето на децата и семејствата, воведување на училишта во природа и други активности кои ги вклучуваат најмладите во природниот свет.

Иако моменталните кампањи за подобрување на свеста за природа, како што се иницијативите на добротворни организации, се важни за менталното здравје, тие не можат да го сопрат долгорочното опаѓање на поврзаноста со природата меѓу генерациите.

„Клучно е децата да останат поврзани со природата уште од најрана возраст и да се одржува таа врска низ целото детство и образованието, паралелно со масовно зазеленување на урбаните средини,“ вели Ричардсон.

И покрај сериозноста на проблемот, постои и надеж: студијата забележува дека употребата на природни поими во книжевноста полека се зголемува по падот во 90-тите години. Професорот не исклучува дека тоа може да е знак на зголемена еко-свест или пак поголем интерес за духовност и повторно приближување кон природата.

Зачлени се на нашиот е-билтен