Приврзокот во облик на јајце Фаберже, украсен со дијаманти, кој маж од Нов Зеланд го проголтал во обид да го украде, е пронајден, соопшти денеска полицијата во Окланд.
Според наводите на полицијата за BBC, приврзокот вреден 33.585 новозеландски долари (околу 16.500 евра) „природно“ го напуштил организмот на осомничениот и „медицинска интервенција не била потребна“.
Инцидентот се случил пред околу една недела, кога полицијата уапсила 32-годишен маж во златарата Partridge Jewellers во центарот на Окланд, неколку минути откако наводно го проголтал украдениот предмет.
Според златарите, приврзокот е украсен со 60 бели дијаманти и 15 сини сафири, а во себе крие минијатурна октопод-скулптура изработена од 18-каратно злато. Мажот е обвинет за кражба.
Полицијата претходно соопшти дека осомничениот бил подложен на медицинска процена и дека постојано се следи неговата здравствена состојба.
„Бидејќи се наоѓа во полициски притвор, наша должност е да се грижиме за него и да продолжиме со надзор, имајќи ги предвид околностите“, наведе полицијата.
Приврзокот, наречен ‘Octopussy’, го добил името по истоимениот филм за Џејмс Бонд од 1983 година и е инспириран од заплетот кој се врти околу сложена кражба на Фаберже јајце.
Според Радио Нов Зеланд, златарата Partridge Jewellers соопштила дека приврзокот ќе биде вратен на компанијата Фаберже. Осомничениот повторно треба да се појави пред суд на 8 декември.
Според обвинителните списоци до кои BBC имал пристап, тој се товари и за кражба на iPad од истата златара на 12 ноември, како и за кражба на производи за мачки, вреќа песок и средство против болви вредни околу 100 новозеландски долари, ден подоцна од приватна адреса.