Археолози во Грузија открија човечка вилица стара 1,8 милиони години, за која се верува дека му припаѓала на рана форма на човек, видот Homo erectus.
Ова значајно откритие може да фрли ново светло врз едни од најраните населби на праисториски луѓе надвор од Африка.
Вилицата е пронајдена на археолошкиот локалитет Орозмани, лоциран околу 100 километри југозападно од главниот град Тбилиси. Иако површината на локалитетот е релативно мала – со големина на два паркинзи – тој веќе е познат како богато наоѓалиште на исклучително стари остатоци од луѓе и животни.
„Сметаме дека Орозмани може да ни даде важни информации за еволуцијата на човечкиот вид“, изјави Ѓорги Бидзинашвили, професор по археологија од камено доба на Државниот универзитет Илија во Тбилиси.
Во оваа област, во 2022 година, беше откриен и човечки заб од истата старост, а блиското село Дманиси веќе е познато по претходно пронајдени човечки черепи стари 1,8 милиони години.
Освен човечката вилица, археолозите пронашле и фосили од животни како сабјозаби тигар, слон, волк, елен и жирафа, како и камен алат. Овие остатоци се клучни за истражување на животната средина и начинот на живот на раните луѓе кои започнале да мигрираат од Африка пред околу 2 милиони години.
Научниците велат дека анализата на овие остатоци може да даде важни одговори за адаптацијата на луѓето на нови услови, нивната исхрана, но и за климатските промени во тој период.
Мајлс Александер, дипломиран антрополог од Универзитетот Род Ајленд во САД, кој учествува во истражувањата, за Ројтерс изјави: „На Орозмани секогаш се наоѓа нешто интересно штом ќе почнеме да копаме.“