Авиокомпанијата „Рајанер“ најави дека размислува за зголемување на бонусите за своите вработени кои ќе идентификуваат патници што носат багаж над дозволените граници. Извршниот директор Мајкл О’Лири изјави дека ваквиот потег има за цел да се намали бројот на патници со прекумерен багаж, што, според него, предизвикува доцнење при качување и неправда кон мнозинството кои ги почитуваат правилата.
Во моментов, вработените добиваат по 1,50 евра за секој забележан случај на патник со преголема торба, но компанијата размислува за зголемување на овој износ.
„Решени сме да го елиминираме проблемот со прекумерен багаж, кој го одложува качувањето во авионот и очигледно создава неправда кон 99 проценти од нашите патници кои ги почитуваат правилата за багаж“, соопшти „Рајанер“.
Во изјава за програмата „Морнинг Ирска“ на ирската РТЕ, О’Лири посочи дека само мал број патници не се придржуваат до правилата и оти токму тие ќе мора да платат дополнително ако се обидат да внесат поголема торба. „Нашата порака до тие 0,1 процент патници е јасна: придржувајте се до политиката за багаж, во спротивно ќе ви биде наплатено при пријавувањето или качувањето“, рече тој.
Во случај на непочитување на правилата, патниците може да се соочат со казна и до 75 евра. „Рајанер“ дозволува мала рачна торба со димензии 40x20x20 см и тежина до 10 килограми, но според новите стандарди на ЕУ, димензиите треба да се зголемат на 40x30x20 см.
Компанијата исто така нуди можност за купување дополнителен багаж при резервацијата на билетот. О’Лири нагласи дека повеќе од 99,9 проценти од патниците ги следат правилата и додаде дека авиокомпанијата ќе продолжи со строгата примена на политиките за багаж.