Руската федерална агенција за надзор на медиуми и интернет, Роскомнадзор, вчера официјално го блокираше пристапот до американската гејминг-платформа Roblox. Одлуката, како што соопшти агенцијата, е донесена поради „упорно ширење содржини што промовираат или оправдуваат екстремистички и терористички активности“.
Според информациите пренесени од руската новинска агенција ТАСС, и покрај претходните предупредувања до компанијата Roblox, забранети материјали продолжиле да се појавуваат на платформата.
Роскомнадзор наведе дека надзорот открил содржини што вклучуваат повици на насилство, симулации на терористички напади, како и материјали поврзани со ЛГБТ-заедницата што е забрането според актуелното руско законодавство.
Агенцијата посочи и дека системот за модерирање на Roblox повеќепати не успеал да гарантира безбедно онлајн-опкружување за корисниците, особено за малолетниците. Во извештаите биле наведени случаи на сексуално вознемирување на деца, како и сценарија што поттикнуваат учество во незаконски или насилни активности.
Според Роскомнадзор, платформата добила повеќе официјални известувања со барање да го отстрани спорниот и забранет материјал, но бидејќи тоа не било сторено, била донесена одлука за целосно блокирање на пристапот.

