Новите мемоари на поранешниот француски претседател Никола Саркози, насловени „Дневник на еден затвореник“, предизвикаа огромно внимание во Франција. Книгата, објавена помалку од три недели по неговото ослободување, детално го опишува неговиот 20-дневен престој во изолациското одделение на затворот Санте во Париз.
Саркози, затвореник со број 320535 бил сместен во ќелија од 12 квадратни метри опремена со кревет, работна маса, фрижидер, туш и телевизор. Иако имал прозорец, погледот бил целосно ограничен од поставена пластична плоча. „Беше доволно чисто и светло“, пишува 70-годишниот експретседател, додавајќи дека „ако не беа засилените врати, човек би помислил дека е во хотел со две ѕвезди“.
Во книгата опишува и дека морал да поминува 23 часа дневно сам во ќелијата без контакт со други затвореници. Бил ослободен од задолжителните прошетки во дворот, кои ги опишува како „кафез“, па секојдневно вежбал во мала спортска просторија, која за него станала „вистинска оаза“.
Една од највоочливите анегдоти од мемоарите се однесува на неговиот „комшија“ од соседната ќелија, кој цела ноќ пеел песна од филмот Кралот лав и удирал со лажица по решетките, спречувајќи го Саркози да заспие. Тој пишува и дека бил исклучително трогнат од љубезноста на затворските чувари, кои постојано му се обраќале со „претседателе“.
Саркози успеал да ги прекрие ѕидовите на ќелијата со писма и разгледници од поддржувачи, додека се борел со последиците од пресудата што ја доби во октомври. Тогаш судот го прогласи виновен за криминално здружување, поврзано со обидите на неговите соработници да прибават финансирање за изборната кампања од либискиот лидер Моамер ел-Гадафи пред две децении.
Иако судијата можел да му дозволи да остане на слобода додека трае жалбата, пресудено е Саркози да оди во затвор. Неговите адвокати подоцна поднесоа молба за ослободување и по 20 дена тој ја напушти установата.
Саркози и понатаму тврди дека е цел на политички мотивирана група во правосудството. Неговото исфрлање од Легијата на честа го толкува како потег насочен против него и како можност да се дистанцира од политиките на претседателот Емануел Макрон, за кого вели дека „никогаш немал храброст“ лично да му објасни зошто е лишен од одликувањето.