Шефот на Google: Вештачката интелигенција е корисна, но склона кон грешки

Google

Корисниците не треба „слепо да веруваат“ во сè што им го соопштуваат алатките базирани на вештачка интелигенција (ВИ), изјави денес директорот на Alphabet, матичната компанија на Google, во интервју за BBC. Извршниот директор Сундар Пичај рече дека ВИ-моделите „се склони кон грешки“, па затоа ги повика корисниците да ги користат во комбинација со други извори на информации.

Пичај ја нагласи важноста на богат и разновиден информативен екосистем, наместо целосно потпирање исклучиво на ВИ технологии. „Затоа луѓето и ја користат пребарувачката машина на Гугл. Имаме и други производи кои подобро обезбедуваат прецизни информации“, пренесува BBC.

Пичај, индиско-американскиот прв човек на Alphabet, истакна дека алатките со вештачка интелигенција се корисни „кога сакате да напишете нешто креативно“, но предупреди дека корисниците мора да научат да ги применуваат алатките „таму каде што се најдобри, а не слепо да веруваат во сè што ќе генерираат“. „Горди сме на трудот вложен за да обезбедиме што е можно попрецизни информации, но дури и најнапредната ВИ технологија денес е склона на грешки“, додаде тој.

Интервјуто е дадено во период кога технолошката јавност со нетрпение ја очекува новата верзија на комерцијалниот ВИ-модел на Google – Gemini 3.0, кој во моментов веќе успеа да поврати дел од пазарниот удел во конкуренција со ChatGPT. Коментарите на Пичај се во согласност со истражувањата на BBC спроведени претходно оваа година, кои покажаа дека ВИ-ботовите често даваат непотполни или неточни новинарски резимеа.

BBC наведува дека OpenAI-овиот ChatGPT, Microsoft Copilot, Google Gemini и Perplexity AI добиле новинарски содржини на анализа со неколку поставени прашања, а нивните одговори содржеле „значајни неточности“, според заклучоците од истражувањето.

Зачлени се на нашиот е-билтен