Австралија, земја со највисоки стапки на рак на кожа во светот, е потресена од скандал поврзан со заштитните креми од сонце. Дел од најпопуларните и најскапи производи на пазарот не ја обезбедуваат заштитата наведена на декларациите, покажа анализа на потрошувачката организација Choice.
Случајот стана јавен откако 34-годишна мајка од Њукасл доби дијагноза рак на кожа на носот, иако со години користела креми и внимателно се заштитувала од сонцето. Подоцна дознала дека производот кој редовно го нанесувала практично не нудел никаква заштита.
Според тестовите, 16 од 20 проверени креми не го достигнале наведеното ниво на SPF. Особено одекна примерот со Ultra Violette Lean Screen SPF 50+, кој наместо ветениот висок заштитен фактор, имал ефект на едвај SPF 4. По скандалот, компанијата го повлече производот од продажба.
Во извештаите се споменуваат и светски познати брендови како Neutrogena, Banana Boat, Bondi Sands и дури Cancer Council, но тие ги отфрлаат наодите и тврдат дека сопствените тестови ја потврдуваат ефикасноста на нивните креми.
Австралискиот медицински регулатор TGA отвори истрага и најави можни санкции. Неколку компании веќе превентивно стопираа продажба на одделни производи.
Истрага на ABC дополнително открила дека американска лабораторија која сертифицирала дел од кремите што паднале на тестирањето, редовно пријавувала високи резултати што отвори сомнежи за можни злоупотреби.
Иако јавноста е револтирана, експертите смируваат дека најголемиот дел од производите сепак даваат доволна заштита и го намалуваат ризикот од рак на кожа за повеќе од половина. Тие советуваат правилно и редовно нанесување на кремите, комбинирано со носење заштитна облека и избегнување директно сонце.