Со 500 рози и тишина: Крушево повторно се поклони пред споменот на Тоше Проески

Со 500 рози, тишина и длабока почит, жителите на Крушево денеска ги пречекаа дванаесеттемина ултрамаратонци кои пристигнаа на Гумење – вечното почивалиште на Тоше Проески, македонската и балканска музичка легенда, човекот со големо срце и неуморен хуманитарец.

Овој симболичен маратон се одржува по 18-ти пат – онолку години колку што Тоше не е меѓу нас. Маратонците тргнаа на 13 октомври од Нова Градишка, Хрватска, местото каде што Тоше трагично го загуби животот на 16 октомври 2007 година.

„Патот долг 900 километри го изодевме во чест на Тоше – нашиот ангел на земјата и ангел на небото. Му благодарам на секој маратонец за издржливоста, љубовта и пораката што ја пренесуваат: да го следиме патот на Тоше“, изјави организаторот и учесник Наум Капричевски.

Меѓу учесниците беше и најстариот маратонец, 73-годишниот Ангел Малинов од Загреб, кој четврти пат учествува на маратонот. „Ова е само за Тоше. Нема зборови што можат да го опишат тоа“, рече тој.

Најмладиот учесник, 9-годишниот Даријан Капричевски, првпат ја изоде патеката: „Сакам сите да го слушаме Тоше и да ги следиме неговите пораки,“ рече малиот Даријан, внесувајќи свежа енергија во традицијата што не згаснува.

На Гумење се собраа почитувачи од цела Македонија, од регионот и од Европа. „Во Словенија го слушаме Тоше. Ќерка ми ги пее неговите песни. Тој беше светски човек и ние го сакаме,“ изјави посетителката Неа Порович од Словенија.

Своја почит му оддаде и пејачот Стеван Феди од Црна Гора, кој учествуваше на Евровизија една година по настапот на Тоше. „Како него нема да видиме долго време. Добро е што секоја година се собираме музички, за да ја чуваме културата и уметноста што тој ја претставуваше,“ рече Феди.

Во Крушево и Битола во тек е фестивалот „Песните на Тоше Проески“, со учесници од Македонија, Србија, Бугарија, Словенија, Црна Гора и дури Казахстан. „Ова е втора година по ред. Минатата беше во Скопје, а сега – таму каде што живееше и учеше Тоше. Целта е да го продолжиме споменот и љубовта кон неговата музика,“ изјави директорот на „Естрада мултимедија центар“, Марјан Катароски.

Посетителите ја посетија и Спомен-куќата „Тодор Проески“ на Гумење, која со над илјада експонати и повеќе од еден милион посетители важи за еден од најпосетуваните музеи во регионот.

Зачлени се на нашиот е-билтен