Студија на Гринпис: Летовите со нискобуџетни компании поевтини од воз, но многу поскапи за климата

Ново истражување на еколошката организација Гринпис покажува дека патувањето со авион, иако значително повеќе ѝ штети на климата, и понатаму е поевтино од возот на повеќето прекугранични рути во Европа.

Анализата опфатила 31 европска земја и 109 релации, при што било утврдено дека на 54% од нив авионските билети чинат помалку од возните. Нискобуџетните авиокомпании, како „Рајанер“ и „Виз ер“, доминираат на европското небо со цени кои често се пониски и од самите аеродромски такси. Тоа е овозможено поради фактот дека авионското гориво не се оданочува, а авионските билети во меѓународниот сообраќај се изземени од ДДВ.

„Апсурдно е лет од Барселона до Лондон да чини само 15 евра, додека патување со воз на истата релација може да биде и 26 пати поскапо. Тоа не е резултат на ефикасноста на авијацијата, туку на неправеден даночен систем кој ѝ дава привилегии на индустријата што најмногу загадува“, изјави Хервиг Шустер од Гринпис Централна и Источна Европа.

Истражувањето покажува дека возот е поевтин од авионот само на 39% од анализираните рути, главно во Централна и Источна Европа, особено во балтичките земји и Полска. Спротивно на тоа, во Франција, Шпанија и Британија возните билети се поскапи од авионските на дури 95% од прекуграничните линии.

Според Гринпис, климатската цена е огромна: летовите испуштаат пет пати повеќе CO2 по патнички километар отколку железничкиот сообраќај.

Организацијата бара од ЕУ и националните влади да ја прекинат практиката на субвенционирање на авијацијата, да воведат поедноставен систем за продажба на железнички билети, да инвестираат во инфраструктурата и да овозможат пристапни „климатски карти“ кои би важеле во националниот и прекуграничниот јавен превоз.

„Секоја рута на која авионот е поевтин од возот е политички неуспех. Европа мора да направи железничкиот превоз да биде првата, а не последната опција за граѓаните“, порача Шустер.

Зачлени се на нашиот е-билтен