Супермодели во светот на птиците: Зошто фламингата се розови?

Розовата боја на пердувите кај фламингата потекнува од нивната исхрана и од каротеноидните пигменти што се наоѓаат во алгите и раковите со кои се хранат овие елегантни птици.

Со своето впечатливо розово перје, долги нозе и грациозен врат, фламингото често се опишува како „супермодел во светот на птиците“. Самото име потекнува од шпанскиот збор flamengo, што значи „пламен“.

Покрај алги и ракови, фламингата се хранат и со школки, ракчиња и ларви богати со бета-каротен. Живеат во големи колонии кои можат да бројат и по неколку стотици единки.

Иако постои мит за „сини фламинга“, таква птица не е забележана. Единствениот познат „црн фламинго“ е регистриран на два локалитета – на Кипар и во Израел.

Овие птици се распространети во Африка, Јужна Европа, Централна и Југозападна Азија, како и во Централна Америка. Најбројната и најраспространета е розовата фламинга (Phoenicopterus roseus), која гнезди во јужна Шпанија и Франција. Помала колонија постои и на границата меѓу Германија и Холандија.

Фламингата со најинтензивно розово перје уживаат највисок статус во колонијата, бидејќи бојата укажува на сила и способност за пронаоѓање храна. За време на размножувањето, високорангираните единки ја менуваат бојата на пердувите во потемна розова нијанса, што е сигнал за почеток на ритуалите на парење.

Во светот постојат шест видови: големо фламинго, чилеанско, мало, карипско, андско и фламинго пуна.

Научниците утврдиле дека овие птици создаваат долготрајни и одани пријателства, а изгледот игра значајна улога во нивните социјални односи.

Фламингата не се изведуваат розови, туку како бледи младенчиња. Родителите ги хранат со специјална течност позната како „млеко од грло“, кое содржи големо количество каротеноиди и е со силна розова боја. И мајката и таткото учествуваат во хранењето.

Интересно е што токму поради ова „млеко“, родителите на крајот од сезоната на парење ја губат розовата боја и стануваат бели – додека нивните младенчиња постепено ја добиваат карактеристичната розова нијанса.

Фламингата важат за една од птиците со најдолг животен век – во некои случаи можат да доживеат и до 70 години. Во дивината, најголема закана им претставуваат предатори како орли и бабуни.

Зачлени се на нашиот е-билтен