Светска метеоролошка организација: 2025 година меѓу најтоплите во историјата

Годината што изминува, 2025, ќе остане запаметена како една од најтоплите во историјата на мерењата, и покрај појавата на феноменот Ла Ниња, кој требаше да донесе благо заладување. Според податоците на Светската метеоролошка организација и на Службата за климатски промени Коперникус, глобалните температури во 2025 година се рангираат на второ или трето место меѓу највисоките досега измерени, веднаш зад рекордната 2024 година, пренесува Anadolu Agency.

Научниците предупредуваат дека природните циклуси на ладење веќе не можат да го компензираат сè поизразеното глобално затоплување предизвикано од човековите активности и емисиите на стакленички гасови. Поради тоа, голем број региони низ светот беа погодени од екстремни горештини. Во својата најнова прогноза, WMO наведува дека температурите и во следните пет години најверојатно ќе останат на рекордни или блиску до рекордни нивоа.

Според проценките, постои 80 проценти веројатност барем една од наредните пет години да постави нов температурен рекорд, како и 70 проценти веројатност петгодишниот просек привремено да ја надмине границата од 1,5 степени Целзиусови над прединдустриските нивоа. Научната заедница сè почесто предупредува дека климатските промени претставуваат една од најголемите закани за човештвото.

Лето обележано со екстремни горештини

Летото 2025 година донесе сериозни последици по здравјето на населението и нови температурни рекорди ширум светот. Јули беше трет најтопол јули глобално во историјата, додека Европа го доживеа своето четврто најтопло лето досега, со исклучително интензивни топлотни бранови во западниот и јужниот дел од континентот.

Во делови од Шпанија, Франција, Балканот и Скандинавија температурите беа и до 6 степени повисоки од просекот. Обединетото Кралство го забележа најтоплиот јуни во историјата на мерењата во Англија, Холандија вториот најтопол од 1901 година, а Шпанија во август го претрпе најсилниот топлотен бран досега. Во Финска, Данска, Шведска и Норвешка беа регистрирани долготрајни екстремни горештини.

Цената на овие екстреми беше висока. Според студија на лондонски научници, од јуни до август во 854 европски градови биле регистрирани околу 24.400 смртни случаи поврзани со горештините. Истражувачите проценуваат дека дури 68 проценти од нив директно се должат на климатските промени, што значи дека бројот на жртви е значително зголемен поради затоплувањето предизвикано од човекот.

Горештини и надвор од Европа

Екстремните температури не ја одминаа ниту Азија. Јапонија забележа еден од најтоплите јуни од почетокот на мерењата во 1898 година, со зголемен број случаи на топлотен удар, особено кај постарата популација. Во Јужна Кореја беа измерени рекордни дневни температури, највисоки од 1904 година.

Во Индија, во Њу Делхи беа издадени црвени предупредувања, додека во делови од Пакистан температурите достигнаа и до 50 степени Целзиусови. Иранските власти беа принудени да затворат јавни институции во 18 провинции поради екстремната побарувачка за електрична енергија предизвикана од масовната употреба на климатизациски уреди.

Северна Америка и сушите како последица

САД и делови од Северна Америка исто така се соочија со силни топлотни бранови. Таканаречената „топлотна купола“ во јуни изложи повеќе од 255 милиони луѓе на температури што често надминуваа 38 степени. Според податоците на американските здравствени власти, екстремната жештина и понатаму е водечка причина за смртни случаи поврзани со временски непогоди.

Високите температури дополнително ги влошија сушите во многу региони. Иран се соочи со една од најтешките водни кризи во својата историја, додека суши погодија и делови од Сирија, Африка и Јужна Кореја. WMO предупредува на сè понестабилни водни циклуси, со брзи премини од поплави кон суши.

Според податоците на Обединетите нации, околу 3,6 милијарди луѓе денес немаат сигурен пристап до вода најмалку еден месец годишно, а се проценува дека до 2050 година оваа бројка ќе надмине пет милијарди. Настаните што ја одбележаа 2025 година, јасно укажуваат на забрзаните ризици од климатските промени.

Зачлени се на нашиот е-билтен