Топењето на арктичкиот мраз може да го зајакне морскиот живот

Новата студија на Универзитетот во Копенхаген донесе изненадувачко откритие — процесот на топење на арктичкиот мраз можеби не е само закана, туку и можен извор на живот за океанските екосистеми. Според истражувањето, објавено во списанието Eurasian Review, намалувањето на мразот го зголемува нивото на азот во водата, клучен елемент за опстанок и развој на морските организми.

Научниците за првпат потврдиле дека под арктичкиот мраз се одвива процес познат како фиксација на азот — хемиска реакција при која одредени бактерии го претвораат азотниот гас во амониум, соединение што го поттикнува растот на алгите. Алгите, пак, се основата на морскиот синџир на исхрана и играат витална улога во апсорпцијата на јаглерод диоксид.

Главната авторка на студијата, д-р Лиза фон Фризен, објасни дека досега се верувало дека овие бактерии не можат да преживеат под мразот, бидејќи условите таму биле сметани за премногу сурови. „Погрешивме“, изјави таа, додавајќи дека фискативните бактерии на Арктикот не се цијанобактерии, какви што доминираат во потоплите води, туку сосема различни, таканаречени нецијанобактериски видови.

Истражувачите забележале дека највисоки стапки на фиксација на азот се јавуваат долж рабовите на мразот — токму таму каде што топењето е најинтензивно. Со продолжувањето на глобалното затоплување и намалувањето на мразот, овие „зони на живот“ би можеле дополнително да се прошират, што би значело повеќе азот и побогата биолошка активност.

„Количината на достапен азот во Арктичкиот океан е најверојатно потценета, и тоа не само во сегашните процени, туку и во идните проекции,“ вели фон Фризен. Таа додава дека ова укажува и на потценет потенцијал за производство на алги, кои преку фотосинтеза апсорбираат јаглерод диоксид.

Според професорот Ласе Риман, коавтор на истражувањето, ова откритие би можело да има значително влијание врз глобалниот јаглероден циклус: „Ако производството на алги се зголеми, Арктичкиот океан би можел да апсорбира повеќе јаглерод, врзувајќи го во биомасата.“

Сепак, научниците предупредуваат дека биолошките системи се сложени и дека е рано да се процени дали конечниот ефект ќе биде позитивен за климата. „Јасно е само дека фиксацијата на азот мора да се земе предвид во идните климатски модели,“ истакнува Риман.

Ова откритие уште еднаш потсетува дека дури и во најсуровите средини на планетата, природата продолжува да изненадува — покажувајќи дека животот и климата остануваат во постојана, динамична рамнотежа.

Извор: N1info.rs

Зачлени се на нашиот е-билтен