Угина „Клод“, албино алигаторот што стана маскота на Сан Франциско

Еден од ретките албино алигатори во светот и омилен симбол на Сан Франциско, алигаторот Клод, угина на 30-годишна возраст, соопшти Калифорниската академија на науките.

Клод живееше во Научниот музеј во паркот Голден Гејт и со години беше една од најголемите атракции за учениците и туристите, пренесува NBC News. Неговата појава, бела како резултат на ретка генетска мутација, албинизам – го издвојуваше од сите други животни во музејот.

Како незванична маскота на музејот и на градот, Клод се појави во детски книги, во реклами на автобуски и трамвајски станици, а по негов лик беше изработена и исклучително популарна детска плишана играчка.

Во соопштението, музејот наведува дека Клод имал „тивка харизма“ што го освоила срцето на јавноста во текот на 17-те години поминати во Сан Франциско. Во светот постојат помалку od 200 албино алигатори, што ја прави неговата појава уште поретка и повпечатлива.

Во природни услови албино алигаторите речиси и да немаат шанси за опстанок поради нивната чувствителност на сонце и лесната воочливост од предаторите. Во контролирани услови, американските алигатори можат да живеат и до 70 години.

Музејот во септември го прослави 30-ти роденден на Клод со специјална свеченост, говори и „алигаторска“ торта направена од риба и мраз. Клод, долг околу три метри и тежок приближно 135 килограми, во последните недели бил подложен на третман поради сомнеж за инфекција, откако покажал намален апетит.

Калифорниската академија на науките најави дека ќе одржи јавна комеморација во чест на својот најпрепознатлив жител.

Зачлени се на нашиот е-билтен