Утре, 16 октомври, на приземјето во Скопје Сити Мол започнува тридневен Есенски базар – „Обоена есен, рачно создадена“, посветен на новата генерација домашни ракотворци кои преку својата креативност, препознатлив стил и оригинален пристап ја претвораат рачната изработка во современ израз на уметноста и личниот идентитет. Базарот ќе трае до 18 октомври.
Во текот на трите денови, посетителите ќе имаат можност да се запознаат со работата на 26 современи ракотворци и домашни креативни брендови, кои создаваат рачно направени уникатни производи во мали серии, со голема вештина, прецизност и посвестеност на секој изработен предмет.
На базарот ќе учествуваат: GAIA, БУВ – раскажува приказна за дрвото, PURE BEAUTY by Emma, Forest Stories, SIRA Leather, Solar Creations, Zen.Zeal, Epoxy Handmade by Clay, Филигран од срма Софија, Crochet by Frosi, Игнеа козметика, Декупаж катче, Монкдолс, Јуник Корнер, Добро ми стои, Filigree LARGO, Еко восочни обвивки, Marcy_s_handmade, Шарено ќоше, Julie Decoupage, Ignis Creative, Витрум Студио, Custom Cakes by B, Јордан WoodWorkers, Тилиа органика и Фантаст уметничко студио.
На едно место ќе бидат претставени разновидни рачно изработени производи – од модерен накит, современ филигран и накит од епоксидна смола и полимерна глина, до рачно насликана керамика, производи од кожа, дрво и природни материјали. Понудата ја дополнуваат органска козметика, миризливи свеќи, декупаж, декоративни предмети за домот, уметнички дела, детски рачни изработки и низа други оригинални производи кои се создаваат локално и носат современа естетика.
Зад секој од овие производи стои човек, идеја и време вложено во создавањето – токму она што масовното производство не може да го понуди. Базарот „Обоена есен, рачно создадена“ ја претставува разновидноста на домашната креативна сцена. Со организирањето на вакви тематски базари, Скопје Сити Мол продолжува да им дава простор и поддршка на локалните ракотворци и малите креативни брендови, овозможувајќи нивната работа да стигне до поширока публика и да стане дел од современата градска понуда.

