Вештачката интелигенција може да нè направи помалку продуктивни и помалку интелигентни на работа

Наместо да ја зголеми продуктивноста и да им го олесни секојдневието на вработените, вештачката интелигенција (ВИ) може да има и спротивен ефект – да ги направи помалку креативни и помалку критички ориентирани. Ова го покажува ново истражување спроведено меѓу 300 вработени во компанијата Microsoft, производител на системот Copilot.

Анкетата открила „самопрогласено намалување на когнитивниот напор“ кај многу корисници кои користеле ВИ на повеќе од 900 различни начини на работа, пренесува агенцијата DPA.

Научниците од Универзитетот Карнеги Мелон предупредуваат дека, доколку се користи на погрешен начин, технологијата може да доведе до намалување на менталните способности кои треба да се зачуваат. „Поголемата доверба во ВИ е поврзана со намалено критичко размислување“, се наведува во нивниот труд кој ќе биде презентиран на меѓународна конференција за човечки фактори и компјутери во Јокохама, Јапонија.

Истражувањето укажува дека луѓето кои премногу се потпираат на алатки како ChatGPT или слични ботови, често остануваат со едноставни задачи – како проверка на непредвидливи одговори на машините – наместо да се фокусираат на сложени активности како креирање стратегии и решавање проблеми.

„Генеративната вештачка интелигенција го поместува критичкото размислување кон валидација на информации, интеграција на одговори и управување со задачи“, наведува тимот од Microsoft и CMU.

Зачлени се на нашиот е-билтен