Вештачката интелигенција би можела да стане нов двигател на глобалната нееднаквост доколку не се преземат навремени политички мерки, предупредува Програмата за развој на Обединетите нации во најновиот извештај. Според УНДП, брзиот технолошки напредок што го носи ВИ ризикува да го зголеми јазот меѓу развиените земји и оние во развој, наместо да го намали.
Документот под наслов „Следниот голем јаз: Зошто вештачката интелигенција би можела да ја зголеми нееднаквоста меѓу земјите“ укажува дека постои опасност ВИ да ги поништи придобивките постигнати во последните децении благодарение на економската интеграција, технолошките иновации и меѓународната соработка. Токму овие процеси помогнаа да се намалат разликите во приходите, здравствената заштита и пристапот до образование.
Според извештајот, развиените земји имаат значителна предност во инфраструктура, инвестиции и експертиза за развој и примена на ВИ. Земјите со послаби економии, пак, ризикуваат да заостанат уште повеќе, не само поради недостигот на ресурси, туку и поради ограничениот пристап до иновативни технологии што стануваат клучни за продуктивност и раст.
УНДП нагласува дека потребни се итни глобални политики што ќе овозможат правичен пристап до технологиите и нивните придобивки. Во спротивно, вештачката интелигенција наместо да биде алатка за развој и намалување на сиромаштијата, може да стане фактор што дополнително ќе ги продлабочи постојните нееднаквости.

