Вештачката интелигенција нема да нè ослободи од работа – напротив, ќе работиме повеќе

Директорот на Nvidia, Јенсен Хуанг, предупредува дека развојот на вештачката интелигенција и роботиката нема да доведе до намалување на работата за луѓето, туку напротив – ќе создаде повеќе обврски и активности.

Во гостувањето на Fox Business, Хуанг истакна дека во иднина „сè што се движи ќе стане роботизирано“ – од болници и фабрики до земјоделски операции. Хуманоидните и специјализираните роботи ќе бидат присутни во сите индустрии, додека компаниите ќе ја користат вештачката интелигенција за забрзување на процесите и зголемување на продуктивноста.

Сепак, Хуанг нагласува дека ова не значи крај на човечката работа. „Ќе бидеме позафатени од кога било, бидејќи кога задачите се завршуваат побрзо, се отвора простор за нови идеи“, рече тој.

Тој додава дека кратка работна недела би била пожелна, но реалноста најверојатно ќе биде поинаква. Истакна дека секоја индустриска револуција ја менувала структурата на работата – некои работни места исчезнувале, се создавале нови, а сите се менувале под влијание на технологијата.

Хуанг очекува вештачката интелигенција да го зголеми БДП и продуктивноста, но и обемот на работа. „Ќе имаме повеќе работа од кога било досега“, рече тој, додавајќи дека иако историски се преминало од седумдневна на петдневна работна недела, подоцна е можно и скратување на работната недела на четири дена.

Сепак, според него, во пракса вештачката интелигенција ќе значи повеќе задачи, повеќе одлуки и поголем притисок за спроведување на новите идеи.

Зачлени се на нашиот е-билтен