Нова, семејна верзија на песната „Молитва“ беше објавена за Божиќ како доцно, но емотивно изненадување за 80-тиот роденден на музичката легенда Виолета Томовска. Според објавата на нејзиното семејство, снимката била подготвена како „таен проект“ за јубилејот, кој Томовска го одбележала во март минатата година, а целиот процес – од собирање до снимање – бил реализиран за само три часа.
Ќерката Невенка Росоманова на социјалните мрежи напиша дека „Молитва“ е роденденски подарок во кој учествуваат исклучиво музичари и пејачи од семејството, по што јавноста за првпат ја слушна верзијата што досега кружела само меѓу најблиските.
Оригиналната композиција е на Миле Барбаровски, текстот го потпишува Георги Барбаровски, а новиот аранжман го направил Дамир Имери, кој е зет на Виолета Томовска. Продуцент на проектот е Дарко Димитров, нејзин внук, а во новата верзија по подолг период повторно пее и Славе Димитров, кој е роднински поврзан со семејството. Во реализацијата помогнал и Горан Саздановски, внук на Томовска и брат на пејачката Маја Саздановска, која исто така отпеала дел од песната. Снимањето е направено во студиото на Мите Димовски „Тра ла ла“.
Семејството ја пушти „Молитва“ во јавноста како божиќна честитка до обожавателите на Томовска, но и како потсетник дека нејзините песни продолжуваат да живеат – и кога се прераскажани најинтимно, низ гласовите на најблиските.