Винс Зампела, креаторот на „Call of Duty“, загина во сообраќајна несреќа со Ферари

Познатиот гејм-дизајнер Винс Зампела, еден од креаторите на франшизата „Call of Duty“ и актуелен шеф на студиото Respawn Entertainment, загинал во тешка сообраќајна несреќа на планинскиот пат северно од Лос Анџелес, јавува NBC Los Angeles.

Според информациите, несреќата се случила во неделата околу 12:45 часот по локално време во планините Сан Габриел. Возилото црвен Ferrari 296 GTS излетало од коловозот веднаш по излегување од тунел, удрило во бетонска заштитна ограда и се запалило. Зампела, кој управувал со автомобилот, останал заглавен во пожарот и починал на лице место, соопштила калифорниската полиција. Сопатникот бил исфрлен од возилото и подоцна починал во болница.

Причините за несреќата сѐ уште се истражуваат. Очевидец доставил видео-снимка до властите, на која се гледа како возилото удира во оградата веднаш по излезот од тунелот. Станува збор за спортски автомобил со хибриден твин-турбо V6 мотор и над 800 коњски сили.

Зампела (55) е коосновач на Respawn Entertainment од 2010 година, студио кое беше преземено од Electronic Arts во 2017 година. Respawn е познат по насловите „Titanfall“, „Titanfall 2“, „Apex Legends“ и „STAR WARS Jedi: Fallen Order“. Претходно, Зампела беше извршен директор на Infinity Ward, студиото зад „Call of Duty“, а подоцна раководеше и со тим на EA во Плаја Виста задолжен за франшизата „Battlefield“.

Во соопштение, EA го опиша неговото влијание како „длабоко и далекусежно“, наведувајќи дека неговата работа помогнала да се обликува модерната интерактивна забава и да се инспирираат милиони играчи и креатори ширум светот.

NBC Лос Анџелес соопшти дека се обидува да стапи во контакт со семејството на Зампела и со Respawn Entertainment за дополнителни коментари.

Зачлени се на нашиот е-билтен