Иако долго време се веруваше дека „вечните хемикалии“ – поврзани со повеќе видови рак, хормонални нарушувања и оштетување на органите, не можат да се елиминираат од телото, новите откритија покажуваат дека со помош на одредени растителни влакна – особено од овес и печурки, сè уште постои начин да се намали концентрацијата на канцерогени супстанции во телото. Редовното внесување влакна, покрај чистењето на телото, носи и голем број други посакувани придобивки врз варењето и општото здравје.
Испитување, спроведено во Бостон, САД, опфатило група мажи кои земале додатоци во храната со бета-глукански растворливи влакна трипати на ден во текот на четири недели. Друга, тн. контролна група земала плацебо – додаток на база на ориз. На крајот од истражувањето, крвните тестови покажале дека испитаниците во првата група имале просечно 8 отсто пониски нивоа на тн. пер- и полифлуороалкилните супстанции (‘PFAS‘ / ПФАС) во крвта. Истражувањето го спроведе Институтот „Сајлент спринг“, во соработка со Школата за јавно здравје во Харвард.
– Бета-глуканите природно се наоѓаат во овесна каша, јачмен, квасец и лековити печурки како што се шитаке, маитаке, реиши и кордицепс… Нашите резултати посочуваат дека консумирањето бета-глукани може да му помогне на телото да елиминира дел од акумулираните ПФАС, вели д-р Лорел Шајдер, авторка на трудот.
Зошто „вечните хемикалии” се опасни? ПФАС се хемикалии коишто не се разградуваат во природата и, доколку навлезат во човековото тело – бавно го напуштаат, поради што се нарекуваат „вечни“. Тие супстанции се користат во индустријата – во ткаенини отпорни на вода и дамки, пакувања за храна и садови за готвење со нелеплива површина. Откако ќе влезат во телото – најчесто преку храна, ПФАС се акумулираат во крвта, црниот дроб и бубрезите. Тие исто така се мешаат со хормони како што се естроген и тестостерон, зголемувајќи го ризикот од видовите рак поврзани со хормоните, како што е ракот на дојката, тестисите, и на јајниците.
Како помагаат влакната? ПФАС се врзуваат за жолчните киселини во телото коишто се вклучени во варењето на мастите. Нормално, жолчката се реапсорбира во цревата и се враќа во црниот дроб – процес познат како ентерохепатична рециркулација. Сепак, одредени влакна – особено вискозните бета-глукани, создаваат своевиден гел што ја спречува оваа реапсорпција. На овој начин, ПФАС го напуштаат телото преку столицата.
– Влакната делуваат како стапица – се мешаат во апсорпцијата на жолчните киселини, а со нив и на ПФАС, објасни Шајдер.
Сепак, не сите влакна се подеднакво ефикасни. Во истражувањето, користени се влакна од овес и печурки, поточно бета-глукани, коишто имаат способност да делуваат во дигестивниот тракт.
„Потребни се натамошни истражувања, за да се утврди кои видови влакна се најефикасни и во кои количини“, се вели во трудот.
Покрај нивниот потенцијал за исфрлање на ПФАС, веќе е докажано дека влакната го намалуваат и ризикот од рак на дебелото црево. Тие помагаат во одржувањето редовни празнења на цревата и го намалуваат задржувањето на отровни супстанции во телото. Ова го намалува допирот на штетните супстанции со цревната слузница и ја намалува опасноста од воспаление коешто може да доведе до рак.