Забраната за „вегански месо“ не важи за мензата во Европарламентот

Помалку од 24 часа откако Европскиот парламент усвои забрана за користење „месни“ имиња за производи со растително потекло, како дел од поширока реформа на земјоделската политика, во мензата на Парламентот во Стразбур беше послужен – вегански бургер.

Според извештајот на „Политико“, иако новите правила формално ги ограничуваат термини како „бургер“, „колбас“ или „стек“ само за производи од животинско потекло, вработените во мензата очигледно не биле известени или едноставно одлучиле да продолжат по старо.

„Ден по контроверзната забрана, се чини дека готвачите одлучија да направат мал чин на граѓанска непослушност. Ајде да видиме кој сè уште ќе порача вегетаријанска торта“, иронично прокоментира холандската европратеничка Ана Строленберг.

До раните попладневни часови, веганските бургери биле целосно распродадени, што според еден функционер на ЕП, значело дека „ги сокриле“ од менито за да избегнат понатамошна полемика.

Забраната е дел од нов пакет регулативи кои имаат за цел да ја заштитат потрошувачката транспарентност и да дадат јасна дистинкција меѓу месни и растителни производи. Поддржувачите ја поздравија мерката како чекор напред за европските сточари, но критичарите, меѓу кои и бројни еколошки и потрошувачки организации, ја оценија како непотребна и контрапродуктивна во борбата за одржлива исхрана.

Иако Европскиот парламент веќе ја изгласа мерката, таа сè уште не е целосно правно обврзувачка – конечната одлука ќе ја донесат владите на земјите-членки во Европскиот совет.

ЕУ веќе има слична забрана за имињата на млечни производи, дозволувајќи термини како „млеко“, „сирење“ и „јогурт“ да се користат исклучиво за производи добиени од животинско млеко. Поради тоа, алтернативи како „овесно млеко“ мораат да се продаваат под имиња како „овесен пијалак“.

Извор:BBC

Зачлени се на нашиот е-билтен