Зошто родителите во Германија бараат пократки училишни распусти?

За некои семејства во Германија, училишните распусти – особено летните – претставуваат „најтежок период во годината“. Каде да се сместат децата во текот на шест недели? Додека родителите бараат пократки распусти, учениците остро се противат на таа идеја. Дополнително, расправата се усложнува со нееднаквиот распоред меѓу покраините.

Германскиот Сојуз на родители ја критикува долгата трајност на училишните распусти. „Периодот на распуст претставува организациски и финансиски предизвик за многу семејства“, изјави Алин Зомер-Ноак, заменичка на претседателот на Сојузот, за Редакциската мрежа на Германија.

Шестнеделниот летен распуст тешко се вклопува со просечниот годишен одмор од 30 дена, особено за самохрани родители или за оние што немаат семејна поддршка.

Учениците: Не на пократки распусти

Генералниот секретар на Сојузот на ученици во Германија, Квентин Гертнер, предупредува дека скратувањето на распустите не е решение.
„Тоа е погрешен одговор на еден многу реален проблем. Многу семејства не можат да си дозволат еден родител да остане дома само поради распустот.“

Неговиот предлог: квалитетна организирана грижа за децата во текот на распустот, преку соработка меѓу училиштата и младински центри, спортски клубови и други партнери.
„Важно е децата да имаат пристап до грижа што е и педагошки вредна“, истакна Гертнер.

Спорното правило на Баварија и Баден-Виртемберг

Дел од дебатата се однесува и на старото правило со кое Баварија и Баден-Виртемберг секогаш имаат најдоцни летни распусти – оваа година дури од 31 јули. Наспроти тоа, учениците во Тирингија и Саксонија се веќе на распуст од крајот на јуни.

Министерката за образование на Северна Рајна-Вестфалија, Дороте Фелер, побара промена на ваквото правило. Слични критики стигнуваат и од други покраини.
„Нашите правила за училишни распусти се од минатиот век“, рече Андреас Бил од ЦДУ во Тирингија.
„Ни треба модерно и правично решение што ќе ги земе предвид семејствата, училиштата и економијата – а не децениска традиција.“

„Дел од ДНК-то на Баварија“

Премиерот на Баварија, Маркус Зедер, категорично ја отфрли можноста за промена.
„Нашиот распоред на распусти е дел од ДНК-то на Баварија“, изјави тој.

Сепак, и родителските здруженија од Баварија го посочуваат проблемот со згрижување на децата. Но, според нив, не е толку важен терминот на распустите, туку нивната организација.

Како се одредуваат училишните распусти во Германија?

Во Германија, секоја покраина самостојно ги одредува датумите на распустите. За летниот распуст постои договор меѓу покраините кој важи до 2030 година – тие се поделени во пет групи што се ротираат од година во година, со цел да се намалат гужвите на автопатиштата и во туристичките места, како и да се олесни планирањето на туристичкиот сектор.

Во планирањето се земаат предвид и педагошки критериуми – на пример, да има по шест недели непрекината настава меѓу распустите и полугодијата да бидат слично долги.

Баварија и Баден-Виртемберг, иако се во петтата група, не учествуваат во ротирачкиот систем. Причината е што таму Педесетницата (Pfingstferien) се одбележува подоцна и распустот тогаш трае подолго, па е потребен подоцнежен почеток на летниот распуст за да не се згусне учебната година.

Една од историските причини за доцниот распуст е и жетвата – децата во минатото помогале во полето. Иако тоа денес веќе не е релевантно, останал ритамот.

Дополнително, благодарение на доцниот термин, овие покраини имаат финансиска предност – во септември цените се пониски дури и до 20%, а и нема толкави туристички гужви.

Казни за неодобрено отсуство

Многу родители се обидуваат да избегнат гужви и скапи патувања така што децата ги вадат од училиште пред почетокот или ги задржуваат по крајот на распустот – но тоа може да ги чини скапо.

Таквите отсуства ги пријавуваат училиштата, а локалните власти можат да поведат постапки. Во некои случаи, дури и полицијата интервенира – како на аеродромот во Меминген, каде што беа откриени деца лажно пријавени како болни. Родителите беа казнети.

Патување без одобрение непосредно пред или по распуст е прекршување на законот за задолжително школување. Казните се разликуваат по покраини и можат да достигнат до 1.500 евра по дете – за секој родител поединечно. Во Северна Рајна-Вестфалија, казните се од 300 до 1.000 евра. Во потешки случаи, може да следуваат и дополнителни мерки, па дури и затвор.

Значи, иако патување надвор од сезона звучи примамливо, неодобрено отсуство од училиште може да биде сериозен правен и финансиски ризик.

Зачлени се на нашиот е-билтен