10 години од Пржинскиот договор, отфрлената рожба на македонските политички партнери

Пржинскиот договор беше постигнат во 2015 година како политички договор помеѓу четирите најголеми политички партии во Македонија (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА) со посредство на Европската унија, со цел да се надмине длабоката политичка криза во земјата.

Како што е познато на Пржинскиот договор му претходеше политичката криза во земјата откако владеачката ниоменклатура со Никола Груевски на чело, одбиваше да ги прифати укажувањата на домашните политички партии и на граѓанскиот сектор, како и на меѓународната заедница, дека земјата е веќе длабоко навлезена во политичка и институционална криза за која Европската комисија оцени дека е резултат на „заробената држава“.

Кризата започна да кулминира откако лидерот на тогаш опозициската партија СДСМ, Зоран Заев, почна да објавува таканаречени “бомби” — аудио снимки за кои тврдеше дека се докази за масовно прислушување на над 20.000 граѓани, политичари, новинари, бизнисмени и активисти од страна на таа време владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски.

Објавените разговори открија сериозни злоупотреби на моќта, изборни нерегуларности, судски притисоци, корупција и клиентелизам.

Што предвидуваше Пржинскиот договор?

Постигнат на 2 јуни и финализиран на 15 јули 2015 година, договорот ги вклучуваше следниве клучни точки:

– Формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО), независно тело кое ќе ги истражува случаите произлезени од објавените снимки.

– Опозицијата да влезе во техничката влада 100 дена пред изборите, со цел да обезбеди услови за фер и демократски избори.

– Договорени избори во април 2016, под нови услови.

– Реформи во медиумите, судството и безбедносните служби.

– Формирање на работни групи под покровителство на ЕУ.

Главен медијатор за постигнување на Пржинскиот договор беше европскиот комесар за проширување Јоханес Хан, заедно со амбасадорите на ЕУ, САД и други меѓународни претставници во Скопје.

Зошто беше неопходен?

– За да се избегне ескалација на политичкиот конфликт и можни насилства.

– За да се врати довербата во изборниот процес.

– За да се спречи натамошна меѓународна изолација на Македонија.

– За да се расчистат сериозните обвинувања за масовна злоупотреба на институциите.

Од она што беше предвидено да го овозможи Пржинскиот договор, се реализираа само предвремени избори откако беа направени некои измени за нивна подготовка и за фер изборни услови. Пржинскиот договор предвидуваше така наречена „пржинска“ или техничка влада во перидот од распишувањето до спроведувањето на изборниот процес во која се предвиде заради поголема контрола во извршната власт да влезат технички премиер, што доаѓа(ше) од партијата на власт, како и министри претставници на опозицијата и тоа во ресорите полиција, труд и социјала и дополнителни заменици министри од опзицијата во уште неколку други ресори.

Она што беше предвидено, но не се реализираше, беше да се зваршат докрај истрагите за злоупотребите на високи политички функционери преку СЈО.

Враќање на Македонија на евроатлантскиот пат, се оствари само „половично“, со членството на Северна Македонија во НАТО во 2020 година, за време на владеењето на СДСМ, откако во 2018 година беше потпишан Преспанскиот договор.

Временски преглед на настаните пред и по Пржинскиот договор:

Февруари 2015

  • Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, почнува да објавува “бомби” — аудио снимки за кои тврди дека се докази за масовно прислушување и злоупотреба на власта од страна на премиерот Никола Груевски и блиските соработници.

Мај 2015

  • На 9 мај 2015 се случува вооружениот инцидент во Куманово меѓу македонските безбедносни сили и вооружена група.
  • На 17 мај — масовен антивладин протест во Скопје, организиран од опозицијата и граѓански организации, барајќи оставка од владата.

Јуни 2015

  • Европската унија и меѓународната заедница се вклучуваат како посредници за да се надмине кризата.
  • На 2 јуни 2015 се постигнува првичен договор за преговори меѓу четирите најголеми партии под посредство на Јоханес Хан и амбасадорите на САД и ЕУ.

15 јули 2015 — Пржински договор

  • Официјално е потпишан Пржинскиот договор.
  • Опозицијата се обврзува да се врати во парламентот.
  • Формирање на Специјално јавно обвинителство (СЈО).
  • Подготовка за предвремени избори.

Ноември 2015

  • Опозицијата влегува во техничката влада. Заев и СДСМ добиваат ресори во клучни министерства: МВР и труд и социјала.

Декември 2015

  • Катица Јанева е избрана за прв специјален јавен обвинител.

Април 2016

  • Планираните избори се одложуваат поради неисполнување на условите за фер изборен процес.

Декември 2016

  • Се одржуваат парламентарни избори под мониторинг на ОБСЕ/ОДИХР и меѓународната заедница.

Мај 2017

  • По длабока политичка блокада и инциденти во Собранието на 27 април 2017, Зоран Заев ја формира новата влада.

Зачлени се на нашиот е-билтен