Денес се навршуваат 108 години од раѓањето на Киро Глигоров, првиот претседател на независна Република Македонија – фигура чија политичка мудрост, умереност и истрајност го одбележаа почетокот на македонската самостојност.
Роден на 3 мај 1917 година во Штип, Глигоров останува врежан во колективната меморија како симбол на државничка трпеливост и демократски капацитет во едно бурно историско време.
По распадот на СФРЈ, токму Глигоров го водеше процесот на мирно осамостојување на Македонија, во време кога Балканот беше зафатен од војни и деструкција. Неговото често повторувано мото – „Македонија е сѐ што имаме“ – беше повик за обединување, разум и отфрлање на екстремизмот.
Денес, како и секоја година, неговиот роден град Штип преку Општинскиот мултимедијален центар „Киро Глигоров“ го одбележува овој датум со културни активности, отворен ден во Спомен-собата и ново издание на информативни флаери за посетителите. Според изјавата на Кирил Панајотов, вработен во Општина Штип, ваквото одбележување е начин да се оддаде почит на една од „најмаркантните историски личности и фигури на 20 век за Македонија“.
Преку изложбата на лични предмети, фотографии и документи, посетителите добиваат увид во животот на Глигоров, неговите политички позиции, но и човечките димензии на еден претседател кој одлучи да гради, а не да руши.
Иако времето носи нови предизвици и политички контексти, делото на Глигоров останува репер за политичка одговорност и зрелост. Прашањето што останува отворено денес, 108 години подоцна, е дали македонската држава, нејзините институции и граѓани сè уште го носат во себе оној дух на разум и умереност што Глигоров го отелотвори – или тоа останува само во витрините на спомен-собите.