15 часа без вода ќе бидат делови од Скопје – утре почнува голема интервенција на Водовод

Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ – Скопје утре (сабота) рано наутро ќе започне со голема интервенција во рамки на оперативниот план за подобрување на водоснабдувањето во главниот град. Акцијата е закажана да почне точно на полноќ и ќе трае до попладневните часови.

Како што соопштија од претпријатието, целта на интервенцијата е изведба на нов главен водоводен приклучок и монтажа на игличест регулационен вентил, што ќе овозможи подобар воден притисок и ќе ги намали загубите на вода.

„Сите екипи од секторите ЕОК, механизација и водовод ќе бидат на терен уште во раните утрински часови. Планирано е работите да траат помалку од 15 часа, при што најмногу време ќе се одвои за празнење и полнење на магистралниот цевковод“, информираат од ЈП „Водовод и канализација“.

Поради оваа интервенција, утре ќе има делумен прекин на водоснабдувањето во следните скопски населби: Визбегово, Чаир, Топанско Поле, Автокоманда (висока зона), Железара и Бутел 1.

Со реализација на проектот ќе се овозможи поврзување на двата магистрални цевководи и формирање на циркуларен прстен, со што се очекува значително унапредување на хидрауличките услови во градската водоводна мрежа.

„По детална проверка на вентили, испусти и хидранти, осум наши тимови ќе ја изведат интервенцијата со цел сигурно празнење и полнење на системот со вода“, додаваат од ЈП Водовод.

Зачлени се на нашиот е-билтен