Неправдата кон Невена Георгиева Дуња беше исправена 80 години по нејзиното брутално убиство. Независна Македонија, правниот наследник на асномска Народна федеративна Република Македонија, онаа за која Дуња го даде својот живот на 17 годишна возраст, постхумно ѝ додели Орден за воени заслуги во мирнодопски услови, откако без исцрпени сите можности посмртно да биде прогласена за народен херој.
Миле БОШЊАКОСКИ*
Немам некоја посебна желба да ги напишам во форма на записи сеќавањата и настаните од последниве мои кариерни осум (8) години, иако историчарот во мене е свесен дека дел од тие настани веќе имаат општествено значење, а дел допрва ќе добијат на важност во македонската општа историја. Без премногу комплицирање да сме на јасно во најголем дел од тие случувања бев само сведок, а во одреден дел учесник или можеби вистинскиот термин би бил „влијателен набљудувач“. Бидејќи најавувам дека во блиска иднина нема да напишам хроники на политичките секојдневија од 2017 до 2024 година, понекогаш ќе ги објавувам само оние настани кои мене ми биле особено и исклучително важни, случувања кои ме промениле, ме направиле подобар и кои во дадени моменти ми го даваа одговорот на прашањето кое не ретко си го поставував – „Што барам јас овде?“.
Декември, 2021 година беше невообичаено студен месец за Скопје некако сув и безволно тежок месец. Од политичките настани свеж момент беше доминацијата на ВМРО ДПМНЕ на локалните избори и повлекувањето на премиерот Зоран Заев од политика и именувањето на неговиот наследник Димитар Ковачевски. Во Кабинетот на претседателот тој декември фокусот беше ставен на официјалната посета на Република Косово, обраќањето за 2021 во Собранието, подготовката за настап претседателот на Самитот за демократија организиран од претседателот на САД, Џо Бајден, но и на промоција на документот „Рамка за развој #МКД2030“ – со кој Кабинетот создаде еден вид прирачник за општествено економскиот развој на Македонија до 2030 одредувајќи приоритетни области. Документот МКД2030 беше направен со придонес од речиси сите чинители во земјава почнувајќи од стопанските комори, до академските институции, МАНУ, како и одделни економски експерти и меѓународни консултанти. Но, ова не е темата во овој текст!
Помеѓу случувањата и деновите во некој момент не можам да прецизирам точно кој декемвриски ден, во канцеларија едно претпладне влегува, Лиле:
Миле, доле е дојден постар човек кој бара прием кај претседателот. Се претставува како брат на Невена Георгиева-Дуња !
Прилично често, а со бројка изразено најмалку четири пати неделно се случуваа слични настани да доаѓаат граѓани кои се претставуваат најчесто во туѓо име и речиси без исклучок се работеше за наши сограѓани кои веројатно од некој сплет на околностите доживеале одреден социјален пад кој пак им придонел или послужил како подлога за здравствени состојби. Така што најголем дел од гостите кои доаѓаа беа лица кои имаа најчесто семејни оставински проблеми, комшиски расправии, судски пресуди кои им го загорчиле животот и секакви настани од кои некои беа толку многу заплеткани што ги доведуваше во ситуација да тврдат дека против нив има широка општествена конспирација на цели градови од доктори, до учителки во градинка, па сè до претпријатија за погребни услуги. Дел од гостите со себе носеа и „докази“ за светските конспирации против Македонија, планови за развој со откуп на „злато од банките“ во Сибир, Лондон, одредени документи за тајните наоди на Алшар, а имаше и редовна гостинка добитничка на „наградна игра“ на локално радио со која лошо се имаа пошегувано водителите!
Ниту еден од ненајавените гости не беше одбиен, сите биле примени, со секој е поразговарано, иако на повеќето од нив најчесто многу поважен момент им беше некој да ги ислуша.
Поправете ја таа неправда!
Најавата на Лиле братот на Невена Георгиева Дуња за мене беше особено интригантна, доволно за да одговорам веднаш да го примиме. По цели 15 минути стоев пред скалите и гледав како се искачува постар човек во неговите доцни 80-ти полека и задишано. Скалите беа напор за возраста, но немаше друг влез. Скала по скала со мали паузи. Носеше шапка, а под левата мишка испечатени документи и стари печатени исечоци од весници. По поздравувањето влеговме седнавме и побара немо со гестикулација на раката „дајте ми некоја минута да земам здив“! После десетина секунди ме погледна диреткно во очи прашувајќи ме:
Јас сум Љубиша Николовски, брат на Невена Георгиева-Дуња. Е, сега пред да ви го земам цел ден да ве прашам кога ме примивте ненајавен. Дали Невена Георгиева-Дуња е народен херој ?
Да ме прашаше некој онака на кафе пиење без дилема ќе одговорев „да“, но неговото присуство, фактот дека на тие години се троши физички и дека во првата реченица ми ја открива причината за неговото доаѓање логичниот одговор е шокирачки дека веројатно „не е прогласена за народен херој“!
Па според начинот на кој ме прашувате очигледно колку и да не можам да разберам зошто тоа не е така, одговорот е дека не ја прогласиле за народен херој!
Така е! Мојата сестра Дуња никогаш не е прогласена за народен херој.
Се навали на двоседот на кој седеше ги остави документите на малата масичка и ми најави дека морам да имам трпение и да го ислушам. Ислушувањето со мали прекини траеше нешто над два часа. Мислата беше бистра кај Љубиша, но зборовите беа спори. Историската хроника ја започна со неговото раѓање, детство, периодот за време и по Втората светска војна. Некаде на половина во еден од моментите на здив го прекинав со прашањето:
Ве следам внимателно и очекувам дека кон крајот ќе ми ја кажете и причината зошто Дуња не е прогласена за народен херој. Но, начинот на кој ми ги раскажувате настаните има призвук како вие да чувствувате вина за тоа што не можам да го разберам.
Значи добро ме следиш. Да! Јас нема да можам да умрам ако не ја истерам оваа работа до крај. Чувствувам вина заради мојот карактер. Јас сум многу терсене човек сега, а кога бев млад бев уште понепријатен и имав безброј конфликти. Цело мое семејство се оградуваше од мене на моменти и се плашам дека сум го навлекол гневот на некои луѓе од Сојузот на борци и заради тоа целата постапка ја блокирале“.
Комплексниот кавгаџиски карактер на Љубиша не беше воопшто затскриен зад неговата старост. Човекот останал цел живот достоен на неговата конфликтност. Во тоа можев да се уверам во случувањата кои се одвиваа во наредните месеци од нашето познанство.
При крајот на средбата на која во најголем дел бев слушател, Љубиша најави дека ниту тој ниту семејството не знаат што се случило и зошто неговата сестра Дуња не била прогласена за народен херој. Во неколку наврати до тој момент го слушнав да го спомне името на Стоилко Ивановски–Планински, соборец на Дуња, но дури во тој дел од разговорот увидов дека Љубиша изразува сомнеж дека токму тој, соборецот и подоцна по војната функционер во повеќе државни институции, имал одредени информации или во најмала рака би знаел зошто Дуња никогаш не станала народен херој. Информациите кои ги имаше семејството беа дека постапката е започната во тогашниот Републички сојуз на борци во Македонија, по што предлогот е испратен до тогашниот Сојуз на борци на федеративно ниво во Белград и таму бил заглавен. Оваа информација Љубиша ми ја пренесе како нешто кое циркулира во неговото пошироко семејство и што им било кажано во текот на ’80-тите. Тој лично не веруваше во оваа верзија, според него постапката никогаш не била ни започната. И, тука повторно го посочуваше името на Стоилко Илиевски-Планински како личност која го знаела одговорот на мистеријата.
На крајот по моите зборови дека ова е исклучителна историска неправда, Љубиша кусо ми одговори:
Поправете ја таа неправда!
Стана полека и се отпоздравивме, го испратив до долната капија од претседателскиот кабинет и ми рече „откако ќе ја завршиш работата те чекам кај мене дома на кафе“.
Народен херој во Социјалистичка Федеративна Република Југославија
А, работата беше невозможна да се заврши. СФРЈ веќе не постои!
Првиот разговор на темата Дуња го имав наредниот ден со советникот на претседателот професорот Александар Спасов, личност со енциклопедиско знаење за настаните од Втората светска војна и развојот на Македонија во рамките на тогашната ФНРЈ подоцна СФРЈ. Не постоеше никаква дилема дека правниот легитимитет на СФРЈ не постои и дека нема начин како Дуња по 70 години да стане народен херој.
Сепак!
Орденот „Народен херој“ е воспоставен од страна на Врховниот штаб на НОБ уште во текот на војната 1943 година, а сè до 1955 година останува највисокото признание во таа држава. Во 1955 со новиот закон за ордени и медали станува трето признание по важност и се воведуваат пред него Орден на југословенската ѕвезда и Орден на слободата. Постапката формална како била носена одлука кому да се додели се менувала со текот на социјално општествениот развој на земјата. На почетокот, односно во текот на војната одлука носел Централниот комитет на Комунистичката партија на Југославија, по Второто заседание на АВНОЈ 29.11.1943 г., одлуките ги носело Претседателството на АВНОЈ, во ноември 1945 таа улога ја презема Президиумот на Народното собрание на Југославија.Тоа се менува во 1953 година, кога финалниот указ за прогласување на народен херој е во рацете на Јосип Броз Тито како доживотен претседател на Југославија, а по неговата смрт 1980 процесот се префрла во Претседателството на СФРЈ. Кој се може да биде носител на орден „Народен херој“ е утврдено со статут на Орденот донесен во јануари 1946, а истата година во октомври станува и закон во ФНРЈ. Наведено е дека со орденот можат да бидат одликувани: Борци и раководители на Југословенската армија, кои се имаат истакнато со беспримерен хероизам во борба против народниот непријател и како такви борци претставуваат пример за јунаштво, гордост и слава на нашата армија, и кои се со своите карактерни особини чисти, светли и омилени меѓу армијата и народот, како и првоборци за слобода на нашите народи кои ги дале своите животи во борба против непријателите во затвори, логори и др.

На фотографијата се две од седумте жени од Македонија кои добиваат орден „Народен херој“ – Мара Нацева и Вера Ацева. Нацева и Ацева орденот го добиваа на голема церемонија во Белград директно од Јосип Броз Тито во 1955 година.
Покрај нив две од Македонија носители на орденот се уште и: Ибе Паликуќа, Естреја Овеида – Мара, Фана Кочовска Цветковиќ, Елпида Караманди и Вера Јоциќ. Покрај исклучителната храброст заедничка им е младоста која идеолошки ги одредува кон романтичниот комунизам во тој историски период и борбата за рамноправност. И, додека кај машкиот дел од прогласените народни херои може да постои одредена историска контроверза кај седумте жени нема никаков сомнеж дека сите до една заслужено го добиваат највисокото одликување во поранешната СФРЈ. Прашањето е зошто меѓу нив не е и Невена Георгиева-Дуња.
Која беше Невена Георгиева-Дуња
Дуња не е само член на СКОЈ и партизан, таа истовремено била и организатор на отпорот во Скопје, во Велес, во Штип и во Струмица каде што дејствува под псевдоним Мирка. Дуња врши разузнавачки активности за отпорот и е истовремено организатор и прави регрутација. Во тој период Дуња има само 16 години. Никој не може да го релативизира придонесот на Невена Георгиева-Дуња во НОБ, а уште помалку од денешна перспектива митолошкиот момент на нејзината смрт!
Во 1942 година, Дуња на 17 години станува дел од третата чета на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ во Велес и околината. Заедно со Дуња се уште две големи жени чиј живот заслужува книга односно Ружа (Розина) Бак која има чудесен животен пат исполнет со љубов, војни и борби. Ружа Бак успева да преживее и со неколку кратки посети на Австрија таа живее и умира во Скопје. Втората соборка на Дуња е Маца Ѓорѓиева (Овчарова) исто млада и исто како Дуња има насилна смрт односно додека сè уште е жива (ранета), контрачетниците во јануари 1943 два месеци по смртта на Дуња – жива ја закопуваат заедно со телото на Трајко Бошкоски-Тарцан кој веќе бил убиен.
И, сега веројатно тука треба да ги претставиме – контрачетниците. Станува збор не за војници, полиција од Бугарија, туку за граѓани на нашите градови и села кои дејствуваат како паравоени единици на бугарските сили во Македонија. Тоа што треба да биде јасно посочено е дека партизаните на почетокот на Втората светска воделе герилски битки најчесто кратки заседи и пресретнување на курирски пратки со таканаречените контрачетници или нивни сограѓани и жители од околните села. Така што овие кратки битки се воделе меѓу партизанскиот одред „Димитар Влахов“ каде што дел била и Дуња, наспроти нивни соселани од околните села. Велешката контрачета е историски одлично архивирана и се знае се за нејзе точно и прецизно. Таа била предводена од војвода од времето на ВМРО на Ванчо Михаилов или Пане Манев од село Ветерско. Пане Манев наречен Ветерски на почетокот на војната е поставен за кмет на с. Ветерско и околината, а во септември 1942 со финансиска поддршка од тогашни 3.000 лева, оружје, облека и муниција ја формира Велешката контрачета во кој влегуваа жители од речиси сите околни села и градот Велес. Дел од нив директни извршители на масакрот врз веќе убиената Дуња. Повеќето од членовите на Велешката контрачета имале искуство во четите на ВМРО, но голем дел биле и нови регрути. Оваа паравоена формација најчесто била ударната игла за гнасните злосторства кои не ги правела формално бугарската жандармерија. Контрачетата на Манев дејствува во речиси сите велешки населени места и села поставувајќи стражи и заседи по задача да ги „лови“ членовите на партизанскиот одред на Дуња, да ги убива и ликвидира неговите членови. Исто така, акциите на Велешката контрачета секогаш биле брутални, насилни и кон селаните и кон партизаните! Иако параформација, тие секогаш дејствувале по усмени наредби на велешкиот командир на Бугарската жандармерија.
На 4 декември, 1942 контрачетниците на Манев го откриваат логорот „Камењевштица“ каде што се случила кратка престрелка со дел од партизаните меѓу кои била и Дуња. Настаните во наредните 5 дена низ велешките села и под Солунска Глава не се баш најјасно пренесени во историските извори. Тоа што е сепак утврдено е дека поголемиот дел од третата чета доцна вечерта на 4-ти декември се повлекуваат кон „Бегово Поле“ северниот дел на Солунска Глава. Некаде се наведува дека остануваат еден дел од нив да прават отстапнина при повлекувањето, но сепак различните датуми кои ги наоѓаме во историските записи укажуваат дека не постоел директен и еден конфликт со контрачетниците и дека во различни денови се случуваат кратки вооружени престрелки. Во секој случај остануваат на тој дел од планината партизаните Невена Геоергиева-Дуња, Љубо Зафиров, Јован Басаров, Ристо Најдовски-Шајката и уште најмалку двајца партизани чии имиња не се потврдени. Конкретно за овие настани постојат неколку сведоштва и тоа токму од контрачетниците кои се директни учесници. Владо Стоилков-Андреев роден 1914 во село Еловец четник на пробугарската контрачета е еден од директните учесници и го дава детално описот на убиството на Дуња.
Во с. Нежилово ја фативме и убивме Дуња. Неа ја убија Ристо Дурчев од село Ораовец (р. 1902), Апостол Георгиев од село Еловец (р. 1912) и Петар Дафчев од село Отиштино (р. 1902). Главата и ја отсече со секира Тоде од с. Нежилово.
Во ова сведочење на Андреев веројатно не е точна само информацијата дека главата ја отсекол извесен Тоде од Нежилово, бидејќи во ниту еден список на контрачетниците не постои име на контрачетник со такво име и со потекло од село Нежилово. Така што веројатно тука Андреев заштитува некој од тројцата убијци или можеби самиот себе. Според неговото сведочење понатаму главата на Дуња на дрвен колец ја ставил Панче Гулев од Велес кој, исто така, е дел од контрачетата и со главата заминал кон с. Нежилово. Второто сведоштво кое се надоврзува на ова е Андреев е на неговиот војвода и лидер Пане Манев кој за настанот кажал:
Тргнавме кон изворите на Бабуна и еден селанец ми рече дека горе на ридот видел тројца. Ние ги сардисавме и тие почнаа да бегаат. Јован почна да пука и еден од нив рани и тој падна. Го прашав како се вика ми рече Љубо Зафиров (еден од партизани кој останува со Дуња) од Велес. Тогаш почнаа да пукаат одозгора и дознавме дека биле шест души и се прави престрелка со моите четници. По некое време во Нежилово дојде Панче Гулев, мој четник од Велес ја донесе во раце главата на една шумкарка (партизанка) ми кажа дека четниците и ја исекле на местото каде ја убиле. Јас му наредив на Панче главата набиена на кол да ја носиме од Нежилово до Богомила за да ја гледаат селаните да се плашат. Во Богомила главата на Дуња ја дадовме на участокот, а ранетиот Љубо на полицијата……“
Понатаму легендата за херојската и мачна смрт на младата Дуња ја презема историјата и таа денеска е синоним на хероина на Македонија. Пред да се вратиме во сегашноста, сосема накратко да ги пренесеме судбините на главните актери во овие настани од декември 1942 година.
Јован Басаров кој останува со Дуња при повлекувањето е фатен од страна на контрачетниците во с. Папрадиште на 5 јануари спроведен наредните денови до Скопје во затворот на Кале, а осуден на смрт со бесење и убиен е кон крајот на јануари во затворот.
Другарите партизани на Невена Георгиева Дуња кои ги преживуваат судирите од зимата 1942-1943 година, продолжуваат со герилските активности и по Втората светска војна дел од нив стануваа државни функционери. Така, на пример, Љубе Зафиров е градоначалник на Велес, а пак Стоилко Ивановски (Планински) бил партиски функционер и секретар на Сојузот на борци на Македонија, но и автор на повеќе книги со тематика на НОБ.
Контрачетниците на Пано Манев Ветерски продолжуваат да дејствуваат во велешко и низ централна Македонија сè до март 1944 година кога се разбиени, а во декември истата година по ослободувањето на Велес и се става крај на цела таа паравоена структура. Сите членови се уапсени и веќе на 15 јануари во Велес точно 53 лица меѓу нив и Пано Манов се ликвидирани. Како историски запис постои документ од судењето и пресуда, но во ’90-тите е утврдено дека ликвидација на сите контрачетници се случила пред судењето и носењето на пресудата. Така што одлуката за нивна ликвидација била очигледно донесена без правен механизам што е само по себе контроверзно. Тоа што останува како историска фактографија е дека сите ликвидирани биле дел од паравоена формација која дејствувала и против партизаните и против цивилите од Велес и околијата и дека постојат неспорни докази за нивни убиства, насилства и разбојништва.
Орденот на Дуња
Организиравме средба на претседателот Пендаровски со братот на Дуња, со Љубиша. Пред средбата направивме подготовка или брифинг за целата ситуација вклучително и објаснувањето до претседателот за специфичниот карактер на Љубиша. По втор пат бев сведок на сесијата „Дали Невена Георгиева Дуња има орден за Народен херој или нема!“, овој пат со добра подлога зад себе ги следев раскажувањата на Љубиша внимателно и во детали. На овој состанок беше повнимателен во изборот на неговите зборови, но суштината беше иста. Пендаровски го ислуша внимателно и му рече дека ќе направиме сè што можеме како Кабинет. Импресиите од Љубиша беа речиси идентични кај сите вклучително и претседателот Пендаровски! Стариот едноставно беше во право – направена е голема историска неправда кон Невена Георгиева-Дуња !
Направивме делумна истрага околу настаните и процесот со прогласување на Невена Георгиева-Дуња за народен херој. Во Белград односно во Федералната канцеларија на Сојузот на борците на НОБ, од Скопје, односно од Републичкиот сојуз, никогаш не е стасана документација со предлог Дуња да биде прогласена за народен херој. Во разговорите со нашиот Сојуз на борци остана нејасно или барем не постои никаква документација дека и воопшто некогаш постоела идеја да се достави предлог до Белград за постхумно доделување на одликувањето на Дуња. Сведочењето на Љубиша најмалиот брат на Дуња укажуваше дека на нив како семејство секогаш им било посочувано дека документите се подготвени и испратени во Белград. Овој момент подоцна го утврдивме и во разговорите со другиот дел од семејството од постариот брат на Невена Георгиева-Дуња, односно и тие ја знаат таа верзија дека постоел започнат процес.
Фактичката ситуација велеше дека не постоел никогаш процес.
Да се исправат историски неправди е процес кој е речиси невозможен. Никогаш не е реално да се очекува дека ќе биде надоместено времето на спокој, дека ќе се направи целосна рехабилитација или пак е возможно да се постигне моментот на правдина. И, покрај тоа што постојат индиции или правци во кои треба да се размислува да се најде причината поради која Невена Георгиева-Дуња никогаш не го добила потребното почитување во поранешната СФРЈ, дури и кога јавно би се посочила таа причина или влијание на одредени поединци повторно тоа би било далеку од правдина. Тоа што беше потребно е да се потсети јавноста на нејзината жртва и долгот кон Дуња на сите кои денеска живееме во Македонија.
На 2 август, 2022 година – Денот на Републиката, тогашниот претседателот Стево Пендаровски донесе укази за три одликувања, и тоа:
- Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно беше одликуван Крсте Црвенковски, како еден од најзначајните, најпрогресивните и водечките политичари во историјата на македонската државност, којшто остава трајни вредности во развојот на политичката култура.
- Со Медал за храброст беа одликувани сите до тој момент живи борци на НОБ во Македонија: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска, Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дафинка Богоева.
И, тој ден за прв пат во историјата на независна Македонија правниот наследник на асномска народна федеративна Република Македонија, онаа за која Дуња е убиена, се додели Орден за воени заслуги во мирнодопски услови. Пендаровски постхумно ја одликуваше Невена Георгиева Дуња „Орден за воени заслуги“.
Како што беше наведено во соопштението за јавност тој Илинден, Дуња беше одликувана за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело.
Орденот за воени заслуги на Дуња на церемонијата го прими нејзиниот брат – Љубиша Николовски!
Шест месеци подоцна, Љубиша Николовски почина.

*Миле Бошњакоски од 2019 до 2024 година беше шеф на кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски