Седумнаесет лица, повредени во пожарот во Кочани, се лекуваат во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар во Белград, од кои две се на механичка вентилација, а двајца веќе се оперирани, изјави д-р Милан Стојичиќ, директор на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија при УКЦС.
Според Стојичиќ, пациентите се во добра состојба и постоперативниот тек е без компликации.
„Нивниот постоперативен тек се одвива без проблеми. Наредната недела веројатно ќе бидат оперирани уште пет-шест пациенти. Имам и добри вести, неколку пациенти веројатно ќе можат да бидат префрлени на одделение бидејќи успешно се опоравува нивната респираторна функција, а раните од изгорениците се такви што не бараат престој на одделението за Интензивна нега“, изјави тој за РТС.
Тој додаде дека за пациентите кои веќе се оперирани, процедурата вклучува отстранување на девитализирано ткиво, кое се заменува со нивна сопствена кожа преку автотрансплантација од други делови на телото.
На еден од пациентите ќе му биде извршена нова операција за околу пет дена (на другата рака).
Според неговите зборови, за оние кои ќе подлежат на операција, не се потребни донатори на кожа.
Говорејќи за опоравувањето, Стојичиќ истакна дека конечните резултати од операциите ќе бидат видливи по 14 дена, по што ќе следува фаза на физикална терапија за понатамошно закрепнување.