Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

(2023) Сценарио 1/8: Радикализација на опозицијата, погрешни потези на социјалдемократите, вмровците победуваат на избори, но не составуваат влада

Прво од осумте сценарија за Северна Македонија во 2023 година. Сите сценарија се засновани на лични перцепции и проценки, НЕ се врз основа на конкретни изјави и сознанија.

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Северна Македонија е фатена во вителот на внатрешни и регионални кризи. На внатрешен план, радикалната опозиција, несреќна поради бројните политички неуспеси, ја радикализира својата реторика, а потоа почнува и да дејствува радикално. Тензиите меѓу Македонците и Албанците се простор во кој националистите најдобро се снаоѓаат. Затоа, радикалната опозиција организира насилни протести и со сите сили се обидува да го пресели политичките тензии на меѓуетнички план.

НАЦИОНАЛИСТИЧКА ПРОПАГАНДА

Кон средината на годината, веќе одамна започнатата националистичка пропаганда добива замав, а политичката криза сѐ повеќе добива карактер на криза во меѓуетничките односи. Состојбата ескалира во текот на пролетта. Етнички мотивираното насилство станува секојдневие. Сето тоа е помогнато до регионалните центри на моќта поврзани со Кремљ.

ХИБРИДНИ НАПАДИ

Паралелно со тоа, хибридните напади се интензивираат. Жестоки хакерски напади неколку пати успеваат да ги парализираат комуникациите, инфраструктурата, снабдувањето со енергија, транспортот, финансиите… Тоа придонесува кон создавање атмосфера на страв, недоверба кон институциите, општа несигурност и тешки економски штети.

ТЕРОРИЗАМ

Тоа што во 2022 година беа закани со бомби, како што предупредуваше и Цивил, во 2023 станува реалност. Терористичките закани прераснаа во терористички напади. Во земјата експлодираат неколку експлозивни направи што предизвикува општ хаос и паника кај населението.

(ПРО)РУСКИ ИНСТАЛАЦИИ 

Владата е потресена од неуморната пропагандна активност од антизападните центри и инсталации. Во кревањето на тензиите и сеењето страв, недоверба и поделби неславна улога играат голем број медиуми и граѓански организации во кои има (про)руски инсталации.

НОВИ ПОЛИТИЧКИ ПАРТИИ

На политичката сцена се појавуваат неколку нови политички групи и партии, од кои повеќето се со изразито проруска, антизападна и антидемократска ориентација. Едно здружение на граѓани прераснува во политичка партија со прогресивна ориентација, која во својата политичка платформа предвидува изградба на проевропско и мултикултурно општество. Но, со исклучок на мал број интернет медиуми, не наидува на поширок одзив и поддршка во јавноста.

ТОКСИЧНА ПОЛИТИКА

Политичката атмосфера во земјата е крајно токсична. Долгогодишните токсични политики и практики на националистичките партии во земјата изградија политичка култура на омраза, шовинизам и сегрегација. Тие се повампируваат во текот на годината и сѐ повеќе им одат од рака на антизападните инсталации.

Гледано во целина, власта се соочува со силни политички тензии во земјата, но и под силен внатрешен притисок, поради апетитите на дел од помалите коалициски партнери. Светската криза се одразува и на економијата во земјата, кризата се продлабочува и избиваат социјални немири кои радикализираната опозиција успешно ги користи да ги зајакне своите позиции. Зачестените меѓуетнички инциденти се закануваат да прераснат во безбедносна криза.

ВНАТРЕПАРТИСКИ КОНФЛИКТИ

Избиваат и внатрепартиски конфликти во речиси сите политички партии, а некои од тие политички судири, од вербални преминуваат во физички пресметки, па дури се бележат и престрелки со огнено оружје.

ПРВА ГРЕШКА: ИЗБОРИ

Социјалдемократите, нервозно влечат два погрешни потези. Првиот погрешен потег: СДСМ носи одлука да прифати брзи предвремени парламентарни избори. Тоа внесува уште поголеми внатрешни тензии во владејачката коалиција.

Опозицијата спремно ја дочекува одлуката на СДСМ за предвремени избори и веднаш бара и предвремени претседателски избори. Но избива таква кавга меѓу професорките, советнички на Мицкоски, така што извршните органи носат одлука да се откажат од таа идеја, за да ја спасат партијата.

ИЗБОРНИ ИНЦИДЕНТИ

Се организираат избори во услови на криза, јавен сервис и медиумски регулаторни тела под контрола на опозицијата, и лош Изборен законик и нереформирана Државна изборна комисија. Изборниот процес е тензичен и проследен со повеќе инциденти и неколку жестоки престрелки меѓу ривалите во изборниот натпревар.

ВТОРА ГРЕШКА: НАЦИОНАЛИСТИЧКИ ПОПУЛИЗАМ

Во обид да се додвори на што поголем број гласачи, СДСМ прибегнува кон своеволни пропагандни операции на локално ниво, со популизам од кој не изостанува националистичката реторика и популизам. Тоа е втората грешка. Аудио и видео снимки од помали партиски и граѓански собири ги преплавуваат социјалните мрежи. Раководството на СДСМ се извинува и ветува дека ќе преземе дисциплински мерки, но веќе е доцна, скандалот е преголем. Прогресивните гласачи од сите заедници се разочарани. Дел од партиските функционери и членови Албанци го напуштаат СДСМ.

ИЗБОРИ БЕЗ ПОБЕДНИК

ВМРО-ДПМНЕ победува на изборите со шест пратеници повеќе од СДСМ. Сепак, не успева да формира влада поради целосно нарушениот коалициски капацитет. Земјата тоне во општа несигурност и криза. Се спремаат нови избори кои се очекува да се одржат на почетокот на 2024 година.

Извор: CivilMedia

Ова е прво од осумте сценарија за Северна Македонија во 2023 година. Сите сценарија се засновани на лични перцепции и проценки, НЕ се врз основа на конкретни изјави и сознанија. Текстот е на места со намерни претерувања и сатира чија цел е да ги насмее, но и замисли читател(к)ите. Сепак, ниту едно сценарио не е невозможно. Дури и осмото.
Кратка верзија од сите осум сценарија: 2023 година: Осум сценарија за Северна Македонија
Текстот е личен став на Авторот. Дозволено е преземање на текстот според лиценцата Creative Commons 4.0

Зачлени се на нашиот е-билтен

Најново