22 лица во старски дом во Берово се затруле со храна

Дваесет и две лица во старски дом во Берово, добиле дијареа и повраќале откако јаделе храна во која подоцна се покажало присуство на ешерихија коли, информираат во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), во нивниот билтен за движењето на акутните заразни заболувања за месец јули. Од Институтот, исто така, информираат дека освен овој случај на епидемија на акутен гастроентероколит, евидентирана е уште една епидемија на алиментарна интоксикација, со 6 заболени лица кои јаделе сладолед на точење од продавница во село Зрновци и сите завршиле во болница.

„Меѓу заболените во старскиот дом нема хоспитализирани лица. Во примероците на копрокултура земени од сите 22 заболени не се детектирани патогени. Во соработка со АХВ, ДСЗИ и претставници од ИЈЗ, ЦЈЗ Кочани изврши санитарно-хигиенска контрола во кујната на домот и беа земени мостри за микробиолошко испитување од жива и нежива средина. Докажано е присуство на ешерихија коли во примерок од храната“, се наведува во билтенот на ИЈЗ.

Надлежмоте предложиле соодветни санитарно-хигиенски и против епидемиски мерки, како и редовно и континуирано одржување на лична хигиена, проверка на доставената храна од страна на посетителите и пријавување на секој сомнителен случај при појава на гастроинтестинални тегоби.

„Кујната на домот беше затворена до добивање на негативни резултати од земените материјали. По превземање на сите потребни епидемиолошки мерки од страна на ЦЈЗ Кочани, епидемијата беше одјавена на 28 јули“, се наведува во билтенот.

Во врска со случајот со труење со сладолед, во ИЈЗ информираат дека сите 6 лица биле хоспитализирани, а примероци на копрокултура биле земени од 2 заболени лица и истите биле негативни.

„Во соработка со АХВ, ДСЗИ и претставници од ИЈЗ, ЦЈЗ Кочани изврши увид во објектот, при што беа земени мостри за микробиолошко испитување од жива и нежива средина. Од добиените лабораториски анализи детектирани се ентеробактерии од примероците на сладолед и стафилокола ауреус од брисевите на раце на вработениот“, се додава во информацијата од ИЈЗ.

Зачлени се на нашиот е-билтен