3 Мај: Ден на медиумските работници во услови на прекаријат

На 3 мај се одбележува Светскиот ден на работниците и медиумските работници – ден кога повторно се отвораат прашањата за условите во кои работат новинарите, кои, како што потсетуваат и од ССНМ, „не се борат само за вистината – туку и за основните права, достоинствени услови и безбедност“.

Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) по повод денешниот ден излезе со податоци што уште еднаш ги потврдуваат тешките состојби во кои функционира медиумскиот сектор. Најголем дел од новинарите и медиумските работници во земјава, велат од таму, работат во услови на прекаријат – со ниски примања, несигурни договори, под постојан притисок и со високо ниво на автоцензура.

Дополнителна закана, според ССНМ, претставува и влијанието на вештачката интелигенција врз професијата.

„Иако на голема врата влијае врз новинарството, се уште не се зема сериозно, бидејќи медиумската сфера се соочува со низа на сериозни проблеми“, велат од Синдикатот.

Според нивните бројки, во медиумите низ земјава работат околу 2.100 луѓе распоредени на 3.146 работни позиции. Половина од новинарите и дури 70 отсто од медиумските работници примаат плата пониска од националниот просек.

Во онлајн медиумите, каде работат околу 700 луѓе, само 39,1% се во редовен работен однос. Слична е состојбата и во локалните медиуми, каде речиси две третини од вработените се хонорарци.

Дополнително, „една четвртина од граѓаните во Република Северна Македонија распрснати на повеќе од половина од територијата живеат во тн. медиумски пустини“, укажуваат од ССНМ – региони каде практично и да нема локални новинари, медиумски куќи или извори на проверена информација.

„Без професионално новинарство не може да има развој на демократијата“, предупредуваат од Синдикатот и нагласуваат дека „само социо-економски обезбедени новинари може да известуваат објективно и да го бранат јавниот дискурс“.

Зачлени се на нашиот е-билтен