35 илјади странски работници годишно – решение за недостигот или нова закана за демографијата?

Со измените во Законот за вработување на странци, што се во собраниска процедура, се предлага да се зголеми бројот на странски работници кои можат да се вработат во земјава на 35 илјади годишно. Целта е да се надмине недостигот од работна сила, но постои сомнеж дека мерката ќе го спречи одливот на кадар кон европските земји.

Во квотата нема да влегуваат странци кои се ангажирани на државни проекти или привремено се упатени во подружници на странски компании во земјава. Годишната квота ќе биде ограничена на 5% од вработеното население.

И покрај зголемената бројка, административните процедури за вработување на странци остануваат сложени. За разлика од соседните земји, во Македонија процесот може да трае со месеци, што ја намалува атрактивноста за странските работници.

Синдикатите предупредуваат дека увозот на нискоквалификувани работници не ги решава долгорочните проблеми и бараат мерки за задржување на домашната работна сила преку подобри услови, обуки и системски решенија. Исто така, се предупредува дека зголемениот прилив на странски работници може да влијае врз демографската структура на земјата.

Зачлени се на нашиот е-билтен