47 повредени ќе бидат лекувани во странство – Неколку пациенти на кислородна поддршка, но сите се во стабилна состојба


Министерот за здравство, Арбен Таравари, изјави дека состојбата на повредените од пожарот во кочанската дискотека е стабилна и дека сите пациенти се надвор од животна опасност.

Тој информираше дека во моментов, вкупно 115 пациенти се хоспитализирани во македонските болници. Во Градската болница се лекуваат 24 лица, додека во болницата „8 Септември“ сите пациенти се во стабилна состојба. Во болниците во Штип и Кочани има вкупно 42 пациенти, а дел од нив веќе се пуштени на домашно лекување.

Министерот потврди дека досега тројца пациенти биле пренесени во болницата „Папаниколау“ во Солун, осум во Софија, по тројца во Пловдив, Варна и Истанбул, двајца во Србија (по еден во Белград и Ниш), а дополнителни шест пациенти ќе бидат транспортирани со авион вечерва во 19:30 часот.

„Вечерва се очекува уште четворица пациенти да патуваат во странство, а 15 други ќе бидат испратени во Белград. Со ова вкупниот број на повредени кои ќе се лекуваат надвор од Македонија ќе достигне 47“, најави Таравари.

Тој исто така потврди дека специјалисти за изгореници од Израел, Белград и Прага ќе пристигнат утре во Македонија за да им помогнат на домашните медицински тимови.

„Неколку пациенти имаат потреба од кислородна поддршка, но генерално сите се во стабилна состојба и надвор од животна опасност. Иако се стабилни, постои можност за развивање едеми и други компликации“, додаде Таравари.

Тој изјави дека има информации за 4 до 5 пациенти кои се лекуваат во приватни болници, но и тие се надвор од животна опасност.

Зачлени се на нашиот е-билтен