5.000 турски државјани чекаат македонско државјанство: Апел за забрзување на процесот

Во 2021 година, Владата на Северна Македонија донесе закон кој им овозможи на иселените Македонци и нивните први роднини право да аплицираат за двојно државјанство. Оваа одлука беше поздравена од многу Македонци од дијаспората, кои ја видоа како можност за враќање на своите корени и за понатамошно поврзување со татковината. Благодарни на оваа можност, група турски државјани со македонско потекло поднесе апликации за македонско државјанство, но дури и по скоро четири години, тие сè уште чекаат конкретен одговор од надлежните институции.

„Овој закон, кој ги обединува нашите срца со татковината, отвори врата за десетици илјади луѓе да се вратат, барем формално, на земјата на нивните предци. Ние, исто така, со голема верба ги поднесовме нашите апликации за државјанство“, велат апликантите во своето писмено обраќање.

Во оваа група има околу 5.000 луѓе од Турција, кои со нетрпение го очекуваат денот кога ќе ја добијат веста дека конечно ќе станат државјани на Северна Македонија. За нив, ова не е само административен процес, туку и симбол на нивното културно, историско и емоционално поврзување со татковината.

„Од надлежните институции и претставници на Северна Македонија бараме да се забрзаат постапките за обработка на нашите апликации, да се донесат позитивни решенија за оние кои ги исполнуваат условите и да се заврши овој историски процес со радост и достоинство“, додаваат апликантите. Тие истакнуваат дека ова не е само административна процедура, туку и потврда на нивната културна припадност и почит кон предците.

Групата апликанти верува дека брзото и успешно завршување на овој процес ќе ја зајакне врската помеѓу Северна Македонија и Македонците од дијаспората, кои продолжуваат да се чувствуваат како дел од оваа земја, не само во својата историја и култура, туку и во иднината.

Зачлени се на нашиот е-билтен