68 пациенти од трагедијата во Кочани сè уште на лекување во странство – еден испишан од центарот во Љубљана

Министерството за здравство информираше дека во моментот 68 пациенти, повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, сè уште се наоѓаат на лекување во медицински центри надвор од државата. Еден пациент е испишан од медицинскиот центар во Љубљана и својот третман ќе го продолжи во друга земја, каде има здравствено осигурување.

„Најавени се неколку исписи за пациенти за наредниве денови, по финализирање на постапката со протоколите. Состојбата на пациентите кои се третираат во странство останува непроменета, вклучително и здравствената состојба на критично повредените“, стои во попладневното соопштение од Министерството.

Во земјава, според официјалните информации, шестмина пациенти се лекуваат во хируршката клиника „Св. Наум Охридски“, двајца се на Клиниката за токсикологија, еден пациент е на Клиниката за пластична хирургија, а двајца се хоспитализирани во приватната болница „Систина“.

Од Министерството додаваат дека состојбата со повредените пациенти се следи на дневна основа:
„Продолжуваме со информирање на јавноста секој ден, обезбедувајќи најдобра можна здравствена нега и грижа за сите пациенти.“

Пожарот во дискотеката „Пулс“ се случи во раните утрински часови на 16 март, при што животот го загубија 60 лица, а десетици други беа повредени – најголемиот број со тешки изгореници и труење од чад. Трагедијата ја потресе јавноста и предизвика широка мобилизација на здравствени и владини институции, како и солидарност од меѓународната заедница.

Зачлени се на нашиот е-билтен