Вкупно 878 граѓани поднеле барања за добивање субвенции за електрична енергија, на јавниот оглас кој заврши на 31 август, информира Министерството за енергетика. Избраните корисници ќе добиваат месечна поддршка од 1.000 денари, директно одбиена од сметката за потрошена струја, во текот на 12 месеци.
Според податоците на Министерството, барањата се распределени во следните категории:
- 227 барања од домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост;
- 296 барања од домаќинства со најтешка телесна попреченост;
- 201 барање од домаќинства со потполно слепи лица;
- 154 барања од домаќинства со потполно глуви лица.
Финансиската поддршка ќе започне да се применува од месецот по објавата на официјалниот список на одобрени корисници. Доколку корисникот не плати две последователни сметки, решението за субвенционирање автоматски се укинува.
Министерството за енергетика соопшти дека веќе е започната обработката на доставените барања од страна на специјализирани комисии.
„Од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставувани до надлежните институции вклучени во јавниот оглас – Министерството за социјална политика, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија“, информираат од Министерството.
Министерката за енергетика Сања Божиновска нагласи дека оваа мерка претставува дел од поширокиот ангажман на државата за социјална поддршка на граѓаните со ограничени приходи и зголемени енергетски потреби.
„Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи. Финансиската поддршка за струја е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби“, рече Божиновска.
Министерството потсетува дека е сè уште активен и јавниот повик за субвенции за набавка на инвертер клима-уреди, што исто така се наменети за ранливи енергетски потрошувачи. Целта на оваа мерка е зголемување на енергетската ефикасност и намалување на трошоците за затоплување.