А што ако Бојан Христовски го носи Мицкоски во „длабокото“ и зошто тоа не би било можно? Ајде да ја провериме оваа хипотеза.
Христијан Мицкоски прв јавно ја соопшти аферата дека бил следен и прислушуван. Со тоа самиот ја отвори темата во јавноста и ја претвори во политичка афера. Затоа е логично јавноста да очекува и завршница во иста мера на транспарентност. Но наместо тоа, премиерот сега повикува на доверба во Обвинителството и вели дека таму е надлежноста за истрагата.
Тука се појавува противречноста. Мицкоски веќе подолго време го критикува Јавното обвинителство и сегашниот обвинител како неспособни, па дури најави и големи промени таму. Ако навистина смета дека институцијата нема капацитет, тогаш упатувањето кон истата институција изгледа како двојна порака: од една страна „институциите да си ја завршат работата“, а од друга страна „тие институции се нефункционални“.
Токму затоа лидерот на СДСМ, Венко Филипче, овој пат го „прочита“ Мицкоски и со право укажува дека ваквиот пристап може да стане алиби за „нерасчистување“ на случајот. Ако Обвинителството, кое веќе има ниска доверба, не даде резултат, Мицкоски ќе може да се покрие со аргументот дека тој го пријавил случајот, но дека институциите не ја завршиле задачата. Така, вината би останала таму каде што и самиот премиер ја посочува како проблематична.
Не случајно сега од партијата на Мицкоски атакуваат врз ЈО повиукуваќи го да не молчи, итно да реагира и да спроведе темелна и транспарентна истрага за како што тврдат „незаконското следење“ на претседателот Мицкоски!
„Пет години службите на АНБ и АР биле под целосна партиска контрола на СДС и ДУИ““ се вели во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Пратеникот Ковачки оди уште подалеку, и бара Јавното обвинителство да се „издига на клоци“.
Но од каде ВМРО ДПМНЕ знае со сигурност дека имало незаконско следење пред Обвинителството било што да направави? Второ и Претседателката Силјановска повика случајот да не се политизира и да се остават институциите да си вршат својата работа. Трето и самиот Мицкоски од собраниска говорница побара случајот да се остави на Обвиителството. Зошто сега од Партијата „рипаат“ пред руда?
Ако ниту тие, ниту АНБ ниту Мицкоски, не му веруваат на ова Јавно обвинителство, тогаш нема друг пат освен јавноста да ја дознае вистината преку декласификација на документите. Сè друго е доказ дека „нема ништо“ од нелегално следење и прислушување на еден од опозициските лидери во тоа минато време.
Проблемот за Владата е што со оваа тактика ризикува да изгледа дека сака да ја задржи аферата во „сива зона“- недорасчистена, но доволна за политички притисок и делегитимирање на политичките противници пред локалните избори. Таа всушност се плаши вистината да не излезе од пандорината кутија и јавноста да дознае повеќе од она што „треба“ или од она што кујната на Мицкоски го зготвила.
Мицкоски очигледно не сфаќа дека зборовите упатени кон Филипче дека „некој“ сè уште длабоко го носи, мислејќи дека поранешните директори на „службите“ го лажат лидерот на опозицијата, може да му се удри од глава како бумеранг. Од каде Премиерот е сигурен дека неговиот Бојан Христовски не го носи него – во „длабокото“. Имено директорот на АНБ не се истрча во јавноста да зборува за аферата, туку го „пушти“ Мицкоски да го стори тоа и да се пече на прозивките од Опозицијата и од пошироката јавност.
Овој пат нема да биде доволно да се извлече со нападите врз ЈО, туку ќе мора да најде друг модус вивенди за да се заташка аферата.
Останува и прашањето како тоа Пратеници со безбедносен сертификат немаат право на увид во документите, како јавноста нема право на вистината, туку само Мицкоски може да ѕирка во класифицирани документи и тоа документи кои не се од приоритет за безбедноста на државата туку за негова лична политичка промоција.
И сега откако крена прашина ладно вели: „Ај да не зборуваме за мене…!
На крај, прашањето останува отворено: Дали Владата навистина ќе оди до крај во расчистување на аферата, или аферата ќе остане само уште една политичка алатка во борбата за контрола врз институциите?
Р.Р.